Обезбедување на сите неопходни услови за фер и транспарентна постапка, најави претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска пред почетокот на судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Предвидено е рочишта да има двапати неделно, а првото е закажано за 19 ноември. Таа на денешниот брифинг со новинарите апелираше до јавноста за почит и достоинство кон сите страни, особено кон жртвите и нивните семејства.
„Судот е исправен пред голема задача на која мора да одговори и важно е да не се подлегнува на сензационализам“, порача претседателката на Кривичен суд, Даниела Димовска.
Судот ќе преземе и засилени безбедносни мерки, вклучително и присуство на итна помош. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски информираше дека тимот е проширен на 15 обвинители и од нивна страна ќе нема одложување на рочиштата. Сите обвинители ќе бидат присутни на првото судење, а потоа на следните во зависнот од потребата. Доказниот материјал е обемен, но нагласи дека постапката ќе биде ефикасна и фер.
Обвинението за случајот е напишано на 166 страни. Обвинителите сметаат дека немало да се добие на вредност доколку се раздвоела постапката во случајот, со оглед на големата бројка на обвинети.
Претседателот на Адвокатската комора, Љубомир Михајловски ги повика адвокатите кои ги застапуваат обвинетите на дисциплина и професионалност, со цел да се овозможи непречено одвивање на процесот и заштита на правата на оштетените. Притоа смета дека на сите адвокати ќе им се овозможат добри услови за извршување на нивната работа.
Судијката Диана Груевска Илиевска ќе ја дели правдата. Како втор член на судечкиот совет ќе постапува судијата Ахмед Идризи. За тешки дела против општата сигурност се гонат сопственикот на „Пулс“, неговиот син и брат, како и инспектори, поранешни градоначалници, министри, директори на ДЗС, државни службеници и членови на обезбедување. Се очекува на првото рочиште да се спои постапката со предметот против Александар Нацев, вистинскиот сопственик на агенцијата „Рубикон“ која вечерта кога се случи несреќата ја обезбедуваше дискотеката.
Марија Митевска
