Во КПУ Идризово денеска беше извршена финална проверка на условите во судницата, каде следната недела на 19 ноември треба да почне судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади лица, а над 200 беа повредени. Проверката опфати хигиенски, технички и организациски подготовки пред стартот на главната расправа. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски изјави дека предметот ќе го застапуваат околу 15 обвинители со утврден план за координација. Обвинение е поднесено против 34 физички и три правни лица – меѓу кои има сопственици на локали, поранешни градоначалници, инспектори, обезбедување и државни службеници – за тешки дела против општата сигурност. Покрај главниот предмет, Обвинителството води и посебна истрага против 13 полициски службеници, која се очекува да заврши на почетокот на декември. Во Кочани е отворена и предистражна постапка против службеници од Управата за јавни приходи, за евентуални пропусти во нивното работење.
Генералка во судницата пред почетокот на судењето за случајот „Пулс“
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
