Вести Свет

По оставките во ББЦ – непристрасност во известувањето или попуштање под десничарскиот политички притисок?

Оставки предизвикани заради наводната пристрасност на раководните структури на ББЦ или попуштање под десничарскиот политички притисок во Велика Британија и постојаните закани од Белата Куќа.

По вчерашните оставки на генералниот директор на британскиот јавен сервис, Тим Дејви и извршната директорка на ББЦ Њуз, Дебора Турнес, Трамп и неговиот тим прославуваа, а американскиот претседател се закани и дека ќе ја тужи компанија за 1 милијарда долари.

ББЦ потврди дека примиле писмо од адвокатите на Трамп, но засега нема официјална реакција за потенцијалната тужба.

 „Не можам да предвидам како претседателот на Америка ќе реагира на некоја од нашите приказни. Мислам дека ова беше поврзано со претседателот, за неговиот говор, не сум изненаден како реагирал. И навистина, ние добивме писма од неговиот круг, од неговите адвокати. Тоа сега го разгледуваме од нашите адвокати“ – изјави Самир Шах, претседавачот на ББЦ.

Дејви и Турнес вчера поднесоа оставки по објавената надворешна анализа на програмата на ББЦ која нотира серија забелешки на работата на британскиот јавен сервис, кои доаѓаат од очигледна десничарска провиниенција. Најголемо внимание во медиумите доби начинот на кој во популарната документарна програма Панорама бил монтиран говорот на Трамп, пред насилниот упад на неговите највоинствени поддржувачи во Конгресот на 6-ти јануари 2021-та година.

На ББЦ му се забележува и за наводната анти-израелска пропаганда на сервисот на арапски јазик и начинот на кој се известувало за транс-родовите прашања. Овие теми подолг период ги проблематизираа британските конзервативци и партија Реформа на Обединетото Кралство на Најџел Фараж, а се приклучија секако и Доналд Трамп и неговите следбеници.

Трамп употреби еден од своите омилени зборови за оценка на работата на ББЦ, нарекувајќи ги Фејк Њуз, односно лажни вести, став кој редовно го употребува за секој медиум кој критички се осврнува на неговата работа.

Дали британскиот јавен сервис прелесно капитулирал пред десничарските закани?

„Ова е ситуација која треба да се разбере во контекст на оркестрираната кампања да се намали јавната доверба во ББЦ и да се создаде ситуација во која ББЦ е слаб и помалку веројатно е дека критички ќе известува. Ова е егзистенцијална криза за ББЦ според мене. А тоа е така, затоа што со брзата капитулација, испрати сигнал дека е релативно лесно да се заплаши ББЦ. А тоа е исклучително опасно“ – оценува Џулија Посети, професорка по новинарство.

Илјадници новинари кои работат во ББЦ во Велика Британија или во некој од 42-та светски сервиси кои допираат до публика од над 300 милиони луѓе, сега се најдоа на критики на десничарската јавност, обвинети дека шират лажни вести. Поранешниот генерален директор на компанијата се обиде да застане во нивна одбрана.

 „Тука сум за да ја предводам поддршката на ББЦ. Многу сум горд на нашите новинари во оваа зграда. Тие вршат работа која мислам дека е исклучително значајна и благодарен сум на секој од нив. Вршат одлична работа“ – порача генералниот директор на ББЦ во оставка, Тим Дејви.

103 годишниот британски јавен сервис е под поголем јавен надзор за разлика од останатите комерцијални медиуми, поради статусот на национална институција и начинот на финансирање, односно радиодифузната такса во висина од 174,50 фунти, кои годишно ги плаќа секое домаќинство во Обединетото Кралство. Тој е обврзан да биде непристрасен, и неговите критичари се многу гласни кога сметаат дека јавниот сервис го прекршува тоа.

Н.И

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Црвени предупредувања за екстремна жештина ширум Западна Европа – метеоролозите велат ова ќе потрае

Дејан Дејан

За една година се издале 27 милиони рецепти што е зголемување за 8% – најмногу се трошат лекови за шеќер, желудник и за смирување

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе