Вардар останува перфектен и по 11 натпревари во ракометната Супер лига откако вечерва пред своите гледачи во „Јане Сандански“ го победи Алкалоид со 34-28. „Црвено-црните“ одиграа одлично во второто полувреме, а особено во последните 15 минути кога го скршија отпорот на гостите од Автокоманда.
Првото полувреме мина во изедначен натпревари, бидејќи двете екипи најизменично се менуваа во водството, а на паузата резултатот гласеше 17-17.
Вардар направи исчекор кон победата на средината од вториот дел. При резултат 27-25, домашните го затворија приодот кон својот гол и со серија од 5-0 дојдоа до водство од +7. Алкалоид беше без гол речиси седум минути и тука го загуби натпреварот, бидејќи до крајот не успеа да се врати во игра. Вардар ја запиша 11-тата победа со 34-28, додека за Алкалоид ова беше прв сезонски пораз.
Дмитро Горига со девет голови беше најефикасен кај Вардар, Николас Боно и Јака Малус постигнаа по пет, додека Васил Гогов на голот имаше осум интервенции. Кај Алкалоид најмногу се истакна Мартин Серафимов со девет погодоци, а Ненад Костески и Марко Стојковиќ постигнаа по четири.
Вардар на врвот на табелата сега има максимални 22 бода, Еурофарм Пелистер е втор со 19, Алкалоид е трет со 18, додека Охрид има 17 бодови на четвртото место.
