Граѓаните во скопските општини се разбудија со делумно исчистени контејнери. Телма направи обиколка во сите општини за да ја види сликата по вчерашната генералка на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Тргнавме од Ѓорче Петров. На некои места контејнерите беа празни, а имаше и такви на кои се уште стоеше отпад.
Но по нив дојде камион од Јавното комунално претпријатие Илинден. Се упативме во соседната општина Карпош. И таму сликата беше иста. Ваква беше состојбата во општина Центар. Наместа исчистени контејнери, но некои и преполни што до нив се направила и мини депонија.
Ова е сликата која го забележи објективот на Телма во општина Аеродром. Нешто почисто беше во соседната општина Кисела Вода. На терен ги затекнавме и екипите на Јавното претпријатие Комунална хигиена кои ги празнеа контејнерите. Механизација за собирање на сметот имаше и во Чаир. Но ситуацијата со отпадот и овде беше иста.
Иако сегашниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити во текот на вечерта порача дека „Скопје нема да спие врз ѓубре, туку ќе се разбуди со почист, поздрав воздух и со нов изглед“, сепак сликата на некои места беше поинаква.
Акцијата на скопските градоначалници на чело со првиот човек на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ги подели мислењата на граѓаните.
Десетици вработени и механизација од речиси сите Јавни претпријатија од Скопје но и други градови низ државата вчера дојдоа пред Спортскиот центар Борис Трајковски на барање на сегашниот градоачалник Орце Ѓорѓиевски кој во предизборието вети дека градот ќе го исчисти за 72 часа откако граѓаните се жалеа дека улиците тонат во отпад.
Со Ѓорѓиевски дојде и премиерот Христијан Мицкоски кој кажа дека е дојден за поддршка. Направија обиколка, ја видоа состојбата, а таму ги дочека механизација која го чистеше кејот на реката Вардар. Противпожарната бригада беше ангажирана за миење на плочникот под Камениот мост. А се метеше и чистеше и градскиот плоштад.
За градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ова не е маркетинг, туку чистењето е основна должност за која граѓаните плаќаат. Порача дека тоа нема да биде само 72 часовна акција туку тоа ќе продолжи во континуитет, секој ден.
Симона Петровска
Дигитална обработка: T.Д.
