Политиката ќе ги стави интересите на граѓаните пред се – порача градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во своето прво обраќање на денешната конститутивна седница на Советот на Градот. Вели дека приоритети на новата градска управа ќе бидат ефикасен јавен превоз, повеќе зелени површини и почист град.
„Чистиот воздух, многу зелени површини и решенија за отпадот се темелите на еден здрав град. Скопје мора да стане лидер во еколошките политики со конкретни и видливи резултати“, изјави Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
По неговото излагање, градоначалникот ја напушти седницата, а 44-те советници ги добија официјалните потврди за своите мандати. Од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен Даме Димитриевски за претседател на Советот, предлог кој СДСМ и Левица не го поддржаа.
„Правилото на ВМРО-ДПМНЕ гласи победата не ослободува од одговорноста. Наместо одговорност на оние кои досега го водеа ЈП „Дрисла“ ние ги наградуваме со функции. Тоа јас не можам да го прифатам затоа што јас сум за мерит системот. Затоа јас ќе се изземам од советничката група на СДСМ и ќе гласам против“, изјави Горан Симоновски, советник во Град Скопје од СДСМ.
„Јас нема да навлегувам во личните квалификации на предлогот на мнозинството бидејќи не го познаваме лично. Во секој случај тие имаат мнозинство и ќе го изгласаат, меѓутоа ние нема да дадеме поддршка“, изјави Катерина Јовановска, советник на Град Скопје од Левица.
Сепак, со 23 гласа „за“, Димитриевски кој до сега беше претседател на Управниот одбор на Дрисла беше избран за претседател на Советот. Најави дека Советот ќе работи поефикасно и за наредната недела закажа седница за ребаланс на буџетот.
Во новиот состав најмногу советници има ВМРО-ДПМНЕ – 18, потоа со по шест советници се Коалицијата Вреди, Националната алијанса за интеграција и Левица, СДСМ има пет, а по еден советник имаат ЗНАМ, коалицијата „Искуство за успех“, „Зелен хуман град“ и независните советници.
Тамара Марковска
