Од пред платото на спортскиот центар „Борис Трајковски“ вечерва почна големата операција на чистење на Скопје. Повеќе десетици камиони, цистерни и механизација, дел од комуналното претпријатие во Скопје, дел позајмени од други општини, почнаа да ги чистат, метат и перат улиците на главниот град.
Акцијата за чистење на Скопје стартуваше пред еден час. На терен се сите скопски градоначалници, на чело со Ѓорѓиевски, но и премиерот Мицкоски. На терен се и над стотина работници од сите скопски комунални претпријатија кои освен што ќе чистат, ќе ги средуваат и запуштените простори во градот.
Акцијата е првото ветување на новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, кој најави дека во рок од 72 часа ќе биде исчистен секој агол на Скопје.
