Недостигот од онколошки лекови останува хроничен проблем во здравствениот систем. Додека пациентите се борат со најтешката болест, надлежните се обидуваат да најдат решение тие да не останат без терапија. Веќе неколку месеци на Клиниката за онкологија недостасуваат тумор-маркери, како и лековите „цисплатин“ и „таксол“, кои се користат во редовната терапија на онколошките пациенти.
- Во моментот постои привремен недостаток од лекот поради доцнење на испораката од страна на дистрибутерот (дистрибутивна дефектура). Очекуваме лекот да биде достапен во текот на утрешниот ден, или најдоцна на почетокот на следната недела- Игор Стојковски директор на Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија.
Сложени законски процедури се најчестите причини за недостиг на лекови на клиниките за Онкологија.
Од Здружението на пациенти „Хема Онко“ бараат итна измена на Законот за јавни набавки на лекови, со цел да се спречи повторување на ваквите состојби. Според нив, сегашната регулатива овозможува пролонгирани тендерски постапки и административни застои кои создаваат празнини во снабдувањето со неопходни медикаменти.
Министерството за здравство, пак, најави законски измени со кои ќе се воведе нова, пофлексибилна постапка при јавните набавки за лекови и реагенси, со што би се избегнало времето на чекање меѓу две тендерски постапки — период кој често доведува до недостиг на терапија и дијагностички материјали.
Симона Петровска
