„Ако манирите го прават човекот, тогаш тој е херој на денот“ – стих кој одекнува низ Њујорк по победата на Зохран Мамдани. Песната Англичанец во Њујорк на Стинг може и навистина да кореспондира со градоначалничката победа на 34 годишниот муслиман со индиско потекло.
Да се биде градоначалник во 30-тите години од животот навистина претставува голема амбиција, за која е потребно да биде поткрепена со знаење и умешност, како во делот на раководење со градот, така и во можноста релативно млад човек да ја убеди јавоста да гласа за него.
Ако се вратиме наназад, старосната граница на избрани градоначалници на Њујорк е негде помеѓу 40 и 50 години, така што градот нема добиено градоначалник помлад од 40, уште од предминатиот век, од1889-та година кога Хју Џ. Грант, 31-годишниот демократот беше на градоначалничката функција.
Со над еден милион гласови Мамдани ги победи Ендру М. Куомо, кој освои над 850 илјади гласови, а се кандидираше како независен, откако загуби на прелиминарните избори на демократите во јуни токму од Мамдани. По нив на листата се најде републиканецот Кертис Слива со 146 илјади гласови.
И двајцата противкандидати тврдеа дека Мамдани е премногу неискусен и прогресивен за да го води најголемиот град во САД. Ама загубија.
Кој е всушност Зохран Мамдани?
Тој е син на познатата режисерка Мира Нејр и научникот Махмуд Мамдани. Роден на 10 октомври 1991 во Кампала, Уганда, а оттаму се сели во Њујорк на петгодишна возраст, опишувајќи го своето растење како „привилегирано“.
Во политиката напредува прилично бргу, а избран е во законодавниот дом на државата Њујорк во 2020 година, по што ја објавува градоначалничката кандидатурата во 2024 година. Освен интересот и политичкиот ангажман Мамдани продуцирал и настапувал како хип-хоп диџеј.
Љубител е на спортот, а познато е дека навива за неколку спортски клубови, меѓу кои бејзбол тимот Њујорк Метс, американскиот фудбалски тим Њујорк Џајантс и англиски Арсенал.

Прогресивноста на 34-годишниот избран градоначалник
Мамдани доаѓа од демократската партија, се декларира како демократски социјалист, и со таа главна водилка во неговата политичка кариера, победи на изборите во Њујорк, во глобална престолнина на капитализмот. Ветувањата му беа -Њујорк да стане пристапно место за живеење и за сиромашните њујорчани, што делумно би се финансирало преку нови социјални програми со повисоки даноци за компаниите и богатите.
Тој е првиот кој во историјата на Големото јаболко стана градоначалник, а потекнува од Јужна Азија. Сепак на патот до фотелјата, Мамдани доби многу критичари, меѓу кои многу богати луѓе кои се спротивставија на неговите предлози за даноци. Дополнително како голем критичар на политиките на Израел, Мамдани беше и на мета на еврејските гласачи.

Рама Дуваџи е првата „GеnZ“ дама на Њујорк
Првата дама е од Генерацијата Z, 28-годишната уметница Рама Дуваџи, која наскоро ќе зачекори во Грејси Меншн, резиденцијата на градоначалникот на Менхетн. Социјалните мрежи се преполнија со поддршка, но и започнаа да отвораат многу теми и прашања која е Дуваџи, и дали таа може да биде инспирација за младите девојки, започнувајќи од нејзините ставови, професија, па дури и комбинации кои веднаш се појавија во британското модно списание „Вог“.
Сопругата на Мамдани, скоро секогаш е подалеку од блескавите рефлектори. Дуваџи е родена во 1997 година во Хујстон, Тексас, доаѓа од семејство на сириски родители кои се селат на нејзина деветгодишна возраст во Дубаи. Таа нејзините дипломски студии ги завршува на Школата за уметности во Катар, а потоа магистрира илустрација во Њујорк.
По магистрирањето во 2021 година на апликацијата за запознавање „Хинџ“ го запознава Мамдани, а во 2024 година веќе стапуваат во брак. Уметничките дела на Дуваџи се претставувани во реномирани публикации како „Њујоркер“, „Вашингтон пост“, „Би-би-си“, „Вог“ и „Тејт Модерн“, а нејзините теми често го претставуваат животот на жените од Блискиот Исток, кои се поврзуваат со нејзиниот критички став кој го има кон израелската влада.

Дали Трамп и Мамдани ќе успеат да пијат кафе?
Мамдани и Трамп очигледно немаат ист вкус, па така можно е изборот на кафе кое би требало да биде испиено на заедничката средба да биде пролонгирано. Американскиот претседател уште во кампањата го нарече Мамдани „комунистички лудак“ и најави „катастрофа која ќе се случи“, но и покрај тоа Мамдани со неговите поинакви ставови е подготвен на соработка со Трамп за добро на градот.
Како појдовна точка на дијаметрално различните ставови на двајцата е поддршката која Мамдани ја дава за Палестина, а која Трамп ја коментира горчливо, поради неговата блискост со израелската влада.
Во победничкиот говор Мамдани му се обрати на Трамп и рече дека „Во овој момент на политичка темнина, Њујорк ќе биде светлина“ на што Трамп претходно се закани дека, ако победи тој ќе го намали федералното финансирање на Њујорк. И покрај заканите од Белата Куќа, Њујорк го избра најмладиот кандидат Мамдани.
Теа Димковска
