Прегласувањето во четирите општини во кои не беше постигнат потребниот цензус за гласање ќе го продолжи и мандатот на актуелниот состав на Државната изборна комисија кој истекува на 15 јануари идната година.Откако ќе бидат објавени конечните резултати од вториот круг, ќе почне да тече рокот од 60 дена за повторување на гласањето во првиот круг во Гостивар, Маврово-Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, најави дека за ова прашање ќе се консултира и со ДИК, но лично смета дека нема потреба од промени во составот на комисијата додека изборниот процес не заврши целосно.
- За Законот за локална самоуправа, кој не се донесе пред овие избори затоа што немаше Бадентерово мнозинство, Гаши рече дека повторно ќе се отвори расправа. Собранието почнува со работа на 10 ноември, кога ќе има опозициски пратенички прашања и седница. Во законодавниот дом вчера стигнал и предлог-буџетот. До 10 ноември се чекаат амандмани, а Гаши очекува до 9 декември да свика седница за претрес – Африм Гаши, претседател на Собрание.
Гаши не сакаше да коментира дали на Левица им следува место во новиот состав на ДИК, откако претседателот на оваа партија најави дека ќе бара измени на Изборниот законик и свој член во највисокото изборно тело, а доколку тоа не се случи, „ќе има „пекол“ во законодавниот дом„.
Од ДИК, пак, појаснуваат дека, за некоја партија да добие член во комисијата, се сметаат гласовите од парламентарните избори, а не од локалните.
За измени во Изборниот законик е разговарано и на денешната координација во Собранието, но ќе следат и нови разговори, вклучително и за сите идеи за финансирање на партиите и за прекројување на изборните единици, но не се знае кога ќе биде изготвен и ставен на дневен ред. Законикот, кој е дел од реформската агенда, мора да се донесе со консензус.
Денеска не разговарале за Кривичниот законик, кој е исто така дел од агендата.
Далиборка Демјанска
