Нашата партија освои мнозинство на народни, односно национални гласови, со предност од над 23.000 гласови, но не успеа да ја добие трката за градоначалници во повеќето општини, соопштија од Демократската унија за интеграција на прес-конференцијата.
„Резултатите за некои општини не се одраз на вистинската волја на граѓаните, туку последица на непринципиелни коалиции. Ова е комплексна порака која ја прифаќаме со почит и одговорност. Граѓаните покажаа дека веруваат во нашите вредности и визија, но истовремено бараат да го обновиме начинот на кој ги претставуваме тие вредности на терен,“ порачаа од раководството.
Од партијата оценуваат дека резултатите во дел од општините не се вистински одраз на волјата на граѓаните, туку последица на, како што велат, непринципиелни коалиции и привремени договори кои го нарушиле духот на демократската конкуренција.
Во партијата укажуваат и на сериозни неправилности за време на изборниот процес, меѓу кои злоупотреба на државни ресурси, систематски изборен инженеринг и притисоци врз гласачите.
„Губењето на некои позиции на локално ниво е повик за зајакнување на структурите и подобра комуникација со луѓето. На крајот на денот, легитимитетот на секое политичко движење произлегува од довербата на граѓаните — а таа доверба не е избледена, туку е зајакната“, порача Ахмети.
Сепак, од партијата порачуваат дека резултатот претставува „морален и политички мандат“ кој ги обврзува да продолжат пообединети и поблиски до граѓаните.
