Последни мигови од предизборната кампања, со последни пораки на кандидатите до јавноста. По недели на жесток наратив, ветувања за подобро утре и меѓусебни обвинувања кои понекогаш го засенија суштинското прашање – какви градови сакаме по изборите, жителите на Скопје во недела на вториот круг од гласањето, ќе имаат само две опции – кандидатите Ѓорѓиевски и Мециновиќ. Кандидатот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ со ветување до скопјани дека ќе се адресираат најгорливите проблеми на градот.
„Проблемите поврзани со нефункционалноста на јавните претпријатија, проекти коишто повеќе децении чекаат да бидат реализирани, граѓаните ги очекуваат сите нив. Понудивме и нов концепт и стратегија со којашто Скопје заеднички ќе го менуваме во следните четири години. Повикувам на масовна излезност во недела, на масовна референдумска излезност од нашите сограѓани, што е можно во поголем број да излезат. А, од понеделник ги засукуваме ракавите“, порача Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ оценува дека кампањата била валкана и за тоа прстот го впери во владеачката партија. „Градот е разбуден“ вели Мециновиќ и додава – во недела е време за најхрабриот чекор.
„Ако ние ја добиеме поддршката и ако ние победиме во вториот круг, нашиот фокус од првиот ден ќе биде на човекот. Ние како градска власт ќе правиме сѐ по желбите на нашите граѓани. Веќе никогаш нема да има ниедна политичка пресметка, ниедна бизнис пресметка, ниедна калкулација. Сметам дека Скопје со оваа политичка мобилизација која ја имаше во изминатите недели, сметам дека Скопје може да се соочи со системот и да ја однесе победата!“, ветува Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Град Скопје од Левица.
Во вториот круг од локалните избори во Македонија ќе се гласа во 32 општини и Градот Скопје.
Изборниот молк ќе трае до 19 часот во недела, кога ќе се затворат избирачките места во општините во државата на кои има гласање во вториот круг.
Петар Догов
