Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, изјави дека откажувањето од руската нафта би резултирало со економски колапс на земјата, бидејќи Унгарија увезува повеќе од 4/5-тини од сировата нафта за своите потреби од Русија.
Орбан порача дека ќе се обиде да го убеди претседателот на САД, Доналд Трамп, да и додели на неговата држава ослободување од новите американски санкции за земјите кои увезуваат нафта од Русија, во текот на својата посета на Вашингтон наредната недела.
Трамп минатата недела објави санкции против двете големи руски државни нафтени компании, Роснефт и Лукоил, одлука која ги погодува и странските купувачи на нафта и нафтени производи од нив, кои ќе бидат исто мета на секундарни санкции.
Додека повеќе земји членки на Европската Унија драстично го намалија или целосно запреа увозот на руски фосилни горива по инвазијата на Украина, Унгарија и Словачка тоа никогаш не го направија. Унгарија дури и го зголеми увозот на руска нафта кој го користи, од 61 проценти пред руската војна против Украина на 86 проценти.
Н. И
