Дејан Манасков го одби повикот во ракометната репрезентација. Машкиот сениорски тим во понеделник треба да го има првиот собир пред пријателските средби со Јапонија, но искусното крило нема да се појави на прозивката на Кирил Лазаров токму поради нарушените односи со селекторот.
Името на Манасков се најде на списокот на Лазаров по цели две години пауза, но крилниот ракометар на Еурофарм Пелистер денеска преку социјалните мрежи објави дека ја одбил поканата повторно да игра за националниот дрес.
Тој во своето соопштение вели дека две години неправедно бил изоставуван од репрезентацијата и како главна причина за одбивањето на повикот се нарушените односи со селекторот Лазаров.
„Моите односи со селекторот Лазаров се нарушени и во моментов не гледам простор истите да се подобрат. Последните две години неправедно бев неповикуван. После сè што дадов, чувствувам дека Македонија многу лесно се откажа од мене. Тоа премногу ме погоди и после долго размислување ја донесов оваа одлука“, вели ракометарот во својата објава.
Манасков сезонава игра во врвна форма и во Лигата на шампиони е на 9.место на најдобрите стрелци. Репрезентацијата ќе се собере во понеделник, а двете контроли со Јапонија се играат во Скопје. Најпрво во четврток во натпревар од затворен тип, а вториот ќе биде во сабота во салата „Автокоманда“.
