Доктор Игор Кузмановски, чие име стана видливо за јавноста по скандалозното видео на кое тој меша бела прашкаста материја, остана и без факсимил. Откако претходно беше утврдено дека шест месеци работел без лиценца, Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) сега во мирување ја стави и неговата работа со пациенти.
„Фондот за здравствено осигурување на 22.10.2025 година го прими известувањето од Универзитетската клиника за неврологија, со кое се бара факсимилот со број 712680 за вработениот проф. д-р Игор Кузмановски да биде ставен во мирување. Веднаш по приемот и архивирањето на дописот, Фондот постапи по известувањето и го стави во мирување наведениот факсимил, со што истиот повеќе не може да се користи за пружање на здравствени услуги во системот на Фондот“, велат од ФЗОМ.
Ова следува на барање на Клиниката за неврологија, откако сегашното раководство побарало од Фондот за здравство да му го блокира факсимилот. Во меѓувреме работат интерните комисии на Клиниката кои го истражуваат случајот со нивниот колега. Повеќе детали новиот директор не сака да даде, со оглед на, како што вели, сензитивноста на целиот процес.
„Интерните комисии работат, краен рок за поднесување на извештај до директорот е 13.11.2025 година. После тоа ќе ги испратиме до министерот за здравство и ќе се објават јавно. Во моментот, додека трае работата на комисиите, не би сакале да дадеме избрзани коментари, дотолку повеќе што и Лекарската комора се нема изјаснето околу продолжување на лиценцата“, соопштуваат од Клиниката за Неврологија.
Лекарската комора го услови продолжувањето на лиценцата на доктор Кузмановски со тримесечна обука под менторство и последователен стручен испит. Одлуката доаѓа по сериозни етички забелешки и потребата за заштита на пациентите и угледот на професијата.
Конечната одлука, велат, ќе биде донесена по извештаите на министерството за здравство и Клиниката за неврологија кои треба да дадат поширока претстава за професионалниот лик и стручната способност на докторот во целина.
„Имајќи во предвид дека Законот за здравствена заштита прецизно ги утврдува условите за издавање, обновување, продолжување и одземање на лиценците за работа, а во моментов не постои судска пресуда или друг правен акт кој би условил одбивање на барањето за одземање на лиценцата, Комората ја користи законската можност да наметне засилен механизам на контрола и едукација“, информираат од Лекарската комора.
Во клиниката за неврологија влегоа и здравствените инспектори. По вонредниот надзор утврдиле низа пропусти по што го казниле Кузмановски со 500-тини евра, бидејќи работел без лиценца за работа, а на клиниката и било наредено да ги отстрани сите недостатоци.
Симона Петровска
Дигитална обработка: Т.Д.
