Вести Свет

Промена на начинот на дејствување за одржување на просперитетот и социјалниот модел на Европа – заклучоци од самитот на ЕУ

Европската Унија треба постепено да го менува начинот на дејствување и да ги следи сите аспекти на агендата за конкурентноста и единствениот пазар, бидејќи тоа е клучно за одржување на просперитетот и на социјалниот модел на Европа, се наведува во заклучоците од денешниот Самит на ЕУ за конкурентноста и енергетската и зелената транзиција.

„Европскиот совет ја потврдува итната потреба од унапредување на амбициозната агенда за поедноставување и подобрување на регулативите на сите нивоа – европско, национално и регионално – и во сите области, со цел да се обезбеди конкурентноста на Европа, без притоа да се поткопаат предвидливоста, политичките цели, високите стандарди и интегритетот на единствениот пазар“, се вели во заклучоците.

Лидерите на ЕУ ја повикуваат Европската комисија итно да предложи натамошни амбициозни пакети за поедноставување, меѓу другото и за автомобилската индустрија, воената мобилност, дигиталните и финансиските услуги, транспортот, животната средина, енергетиката и безбедноста на храната.

Тие, исто така, ја повикуваат ЕК да идентификува дополнителен потенцијал за понатамошно поедноставување и зајакнување на конкурентноста, да изработи нови предлози и да ги интензивира напорите за административно поедноставување и каде што е можно да разгледа повлекување на некои од предложените акти.

Во однос на зелената транзиција, Европскиот совет предлага таа да се спроведе на начин што ќе придонесе за подобрувањето на конкурентноста на Унијата и за зајакнување на нејзината отпорност.

„За да успее таквата фундаментална трансформација, зелената транзиција мора да биде фер и праведна, прагматична, економична и социјално избалансирана и да ги зема предвид различните национални околности, обезбедувајќи прифатливи решенија низ целата економија и за граѓаните низ целата Унија, со цел да се обезбеди конкурентноста и просперитетот на Европа за сегашните и идните генерации“, се наведува во заклучоците од Самитот.

Лидерите повикуваат на итно засилување на напорите за обезбедување прифатлива и чиста енергија и изградба на вистинска енергетска унија пред 2030 година и за интензивирање на колективните напори за индустриска обнова, модернизација и декарбонизација на Европа.

Кога станува збор за дигиталната транзиција Европскиот совет смета дека за ЕУ е клучно да ја унапреди дигиталната трансформација на Европа, да го зајакне нејзиниот суверенитет и да го засили сопствениот отворен дигитален екосистем.

„ЕУ ќе продолжи да поттикнува технолошки решенија ориентирани кон човекот, кои ги штитат поединците и нивните податоци и ја штитат дигиталната одговорност, транспарентноста и општествената отпорност. Европскиот совет ја нагласува и важноста за заштитата на малолетниците, вклучително и преку утврдување на минимална возраст за пристап до социјалните медиуми“, се вели во заклучоците.

Во документот се нагласува и потребата од заштита на дигиталната инфраструктура и технолошката база на Унијата и за справување со ризиците што произлегуваат од хибридните закани, предизвиците за кибер безбедност и стратешките зависности.

„Европскиот совет нагласува дека се потребни посебни напори за унапредување на имплементацијата на инфраструктурата за поврзување, за продлабочување на Единствениот пазар за електронски комуникации, како и за промовирање на развојот на одржливи дигитални системи, мрежи и технологии“, се додава во заклучоците.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обединетите Нации со повик за помош на погодените во Венецуела

Дејан Дејан

Ќе возвратиме жестоко на американскиот напад – иранската револуционерна гарда се закани со брз и решителен одговор

Дејан Дејан

САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз комерцијален товарен брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе