Политички пораки, малку оро и изворни песни. Така мина свечената Академија за празникот 23 октомври – Ден на македонската револуционерна борба. Министри, пратеници, директори, градоначалници во првите редови. А, на говорницата, претседателот на Владата со осврт на историјата, соживотот и на политичките актуелности.
Мицкоски говорот го започна со историјата и празникот и нагласи дека денес не се слави само минатото, туку и иднината и истрајноста на македонската борба – со зборовите „ако некогаш борбата била да се дојде од идеја до држава, сега борбата е за стандардот на граѓаните“. Низ призма на тоа треба да се гледаат евроинтеграциите, посочи премиерот и повтори дека нема отстапка од барањето гаранции, дека покрај уставните измени, нема да има други пречки на патот и непринципиелни барања од Бугарија.
„Главното прашање што се наметнува е – што добиваме ние од тоа и дали конечно е ова крајот?! И дали е фер?! Секој наш следен потег мора да биде низ призмата на одговорот на овие прашања и обезбедување прво на гаранции дека ова ќе биде последно и дека ќе добиеме нешто коешто е опипливо и предвидливо, важно за државата и граѓаните. А, потоа и нашиот источен сосед да покаже европски вредности и на ист начин да одговори за македонската заедница во Бугарија“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Своето обраќање Мицкоски го искористи и да оцени дека предвремени парламентарни избори не се потребни, а на опозицијата да им порача да се консолидираат. СДСМ ги искритикува за попустливоста и прифаќањето непринципиелни барања од Бугарија на европскиот пат, а ДУИ ги обвини за играње на „етничка карта“, наместо да зборуваат за стандардот на граѓаните.
„На опозицијата ќе им оставиме време да се консолидираат и да размислат дали на пример ќе се осмелат да одат на предвремени избори, кои, да бидам директен, јас не ги посакувам и сметам дека се непотребни и дека е време за резултати и голема офанзива на секој план. Но, нивната „весела математика“ и оваа упорност со надмудрување и создавање вештачки теми и блефови треба да добие соодветен одговор. Затоа, нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат. Може и да им се оствари“, додаде меѓудругото Мицкоски.
Македонија е татковина и дом на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и други националности – и да не дозволиме некој да не дели по вера, јазик и етничка припадност, заклучи премиерот во својот говор.
Петар Догов
