Европските лидери се собраа на Самит во Брисел. Во фокусот е Украина, односно плановите на Западот за користење на замрзнатите средства на Москва за финансирање на воените потреби и економијата на Киев за период од најмалку две години. Самитот доаѓа по објавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека планот за брза средба со неговиот руски колега, Владимир Путин е одложен, бидејќи, како што рече, не сака да биде „губење време“. Претпладнево беше усвоен 19-от пакет на санкции кон Русија, насочени кон „флотата бродови во сенка“, како и кон рускиот енергетски и банкарски сектор.
„Сè уште има некои прашања што треба да ги опфатиме, но мислам дека е важно фундаменталната порака да биде дека Русија е одговорна за штетите предизвикани во Украина и мора да ги плати тие штети. И замрзнатите средства што ги имаме, врз основа на заемот репарации за Украина да се одбрани“, рече Каја Калас, комесарка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, пак, нагласи дека ваквата одлука претставува многу јасна порака до Русија дека ЕУ ќе продолжи да ја поддржува Украина сè додека е потребно и колку и да биде потребно. Русија ги осуди новите санкции и порача дека е имуна ја нив.
„Утрово го одобривме веќе 19-тиот пакет санкции, насочени кон сивата флота, банкарскиот и енергетскиот сектор на Русија. И денеска, на овој Европски совет, ќе донесеме политичка одлука да ги обезбедиме финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година, вклучително и за набавка на воена опрема. И ова е многу силна порака до Русија. Постојано повторувавме дека ќе ја поддржуваме Украина колку што е потребно и што и да е потребно, а сега го конкретизиравме ова“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
На самитот во Брисел е присутени украинскиот претседател Володимир Зеленски. По посетите на Шведска и на Норвешка, тој пристигна на еднодневниот состанок во седиштето на Европската Унија. Изрази задоволство од новиот пакет на економски мерки против Москва, но побара и засилување на притисокот кон Кремљ за крај на војната.
„Тие нè напаѓаат. Го гледате тоа повторно. Градинки, училишта, само цивили. И тие го зголемуваат притисок што го имаме, не само за да се браниме со цела Европа, туку и со САД. Заедно, мора да извршиме притисок врз Путин, да го запреме овој воен притисок. Тоа се пакети санкции, воздушна одбрана со долг дострел и, секако, финансиска поддршка. Ќе разговараме заедно денеска“, истакна Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Лидерите на ЕУ посакуваат напредок во мировниот план на Трамп за Газа и ќе дебатираат за начините како блокот од 27 земји да остане вклучен во постапките.
Европската Унија важи за најголем светски помагач за Палестинците, но има мала моќ врз Израел, делумно затоа што европските земји се поделени околу начинот на справување со конфликтот. Лидерите на ЕУ веројатно ќе потпишат и нова „мапа на патот“ за подготовка на Европа за одбрана од руски напад до крајот на деценијата. Високи функционери веруваат дека Русија би можела да биде подготвена да нападне друга европска земја во рок од три до пет години.
Сашко Димовски
