Проблемот со несобирањето на комуналниот отпад во Скопје ја алармира Владата, која на седница донесе заклучок за итен вонреден инспекциски надзор во ЈП „Комунална хигиена“. Според соопштението, инспекцискиот надзор ќе се врши во координација со МВР и неколку државни инспекторати, а ќе се испитуваат условите кои претставуваат опасност по здравјето на граѓаните… Истовремено, и Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка за евентуално кривично дело. Вчера пак од ЈП „Комунална хигиена – Скопје“ излегоа со соопштение во кое велат дека нивните вработени испорачуваат основни услуги за градот, но како претпријатие се постојано саботирани од, како што наведуваат, луѓе од власта. Од јавното претпријатие велат дека се загрижени бидејќи, како што тврдат, во тек биле напори за организирање и спроведување протести поради доцнењето на платите на вработените. Додаваат дека се соочуваат со политички саботажи и дека причината за доцнењето на платите е долг од 5 милиони евра од Министерството за здравство. Тврдат дека овој долг сериозно ја загрозува ликвидноста на претпријатието, поради што не се во можност целосно да ги испорачуваат услугите… Од Здравство пак тврдат дека немаат никаква обврска или долг кон Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје. Според нив тврдењата за неплатен долг од пет милиони евра се неточни и целта е да се нанесе штета на угледот.
Владата и ОЈО најавија вонреден надзор во Комунална хигиена
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
