Вести Македонија Најважни

Граѓаните стравуваат за здравјето додека институциите трагаат по решение – ЗЕЛС се вклучува во расчистување на ѓубрето во Скопје

Скопските градоначалници ќе се вклучат во расчистување на ѓубрето низ градот. Ова беше одлучено на денешниот состанок на ЗЕЛС на кој учествуваа повеќе скопски градоначалници. Тие побараа од раководството на депонијата „Дрисла“ да не врши опструкции при влезот на механизацијата која ќе го транспортира отпадот што се таложи низ улиците.

„Главниот град генерално е претворен во една депонија. Ние целосно не можеме да го решиме овој проблем, затоа што граѓаните редовно плаќаат сметки на ЈП „Комунална хигиена. Ние немаме ниту соодветна механизација, но ќе дадеме се од себе колку може да го исчистиме градот“, изјави Орце Ѓорѓиевски, претседател на ЗЕЛС.

„Изминатите пет дена немаше ниту еден камион на „Комунална хигиена“ во Општина Центар. Ние имаме дополнителна изнајмена механизација. Нашите хигиеничари работат по две смени за да го отстранат сметот од улиците. Но, за жал и тоа не е доволно. Ние немаме ингеренции да го отстрануваме сметот од самите контејнери, а немаме ниту механизација за тоа. Само се обидуваме да го исчистиме она ѓубре околу нив, но тоа не е доволно“, рече Горан Герасимовски, градоначалник на Општина Центар.

Единицата за економски криминал влезе во Град Скопје и во „Комунална хигиена“ по наредба на Обвинителството, за да прибере докази за можни злоупотреби.

„Единицата за економски криминал при СВР Скопје во текот на вчерашниот ден влезе во просториите на Град Скопје и ЈКП „Комунална хигиена“ по наредба од ОЈО Скопје со цел прибавување на докази и одземање на соодветна документација под сомнение за сторени кривични дела поврзани со работењето на ЈКП „Комунална хигиена“ и градоначалникот на Град Скопје во врска со несобирањето на комуналниот отпад. Обезбедена е документација, а се преземаат и дополнителни мерки и активности по насоки од ОЈО Скопје“, соопшти Гоце Андреевски, портпарол на МВР.

Додека институциите се договараат за трајно решение, граѓаните стравуваат за здравјето и животната средина, бидејќи ѓубрето со денови не се собира и делови од градот се претворени во депонии.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обединетите Нации со повик за помош на погодените во Венецуела

Дејан Дејан

Ќе возвратиме жестоко на американскиот напад – иранската револуционерна гарда се закани со брз и решителен одговор

Дејан Дејан

САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз комерцијален товарен брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе