Вести Македонија Најважни

Замрзнат имот на Борче Марковски во Македонија и во Србија

Обвинителството му замрзна имот на сопственикот на „Марковски компани“, Борче Марковски во Македонија и во Србија.

Марковски е еден од осомничените за злоупотреби со тендерот за дислокација на погонски станици од Осломеј во рудниците во РЕК Битола вреден 106 милиони денари, односно 1,7 милиони евра. Заедно со него се осомничени уште еден вработен во неговата фирма и шестмина поранешни раководители во РЕК Битола. Пред десетина дена, осомничените беа уапсени, а на Марковски му беше определен притвор. „Марковски компани“ со години е најголемиот тендерџија во РЕК Битола.

По барање на Обвинителството, во Македонија му се замрзнати 30 милиони денари, односно околу 500.000 евра. Побарано е да се забрани располагање со друг движен и недвижен имот – три стана во Скопје, парцела градежно неизградено земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година, за кои постои сомнение дека се купени со пари од казниво дело. Ако биде осуден, овој имот во иднина може да му биде конфискуван.

По барањата од Македонија, српското обвинителство нареди замрзнување на имотот на фирма на Борче Марковски и во Србија – 10 нови товарни и приклучни возила набавени во 2025 година. И за овие возила има сомнеж дека се набавени со пари од кривичните дела за кои е отворена истрага.

Дополнително, од српските власти е побарано да се обезбеди и да се отвори сеф за кој е утврдено дека осомничениот го поседува во една српска банка со цел да се провери неговата содржина.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обединетите Нации со повик за помош на погодените во Венецуела

Дејан Дејан

Ќе возвратиме жестоко на американскиот напад – иранската револуционерна гарда се закани со брз и решителен одговор

Дејан Дејан

САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз комерцијален товарен брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе