Градот под Исарот, распослан на ридови и меѓу двете реки Отиња и Брегалница, во изминатите 15 години освен што е економски и културен центар, се развива и во втор образовен центар во земјата. Штип инфраструктурно се гради, никнуваат нови станбени згради, само за осум месеци годинава се продадени 125 нови станови.
Штипјани до локалната власт испорачаа три приоритети: Дом за стари лица, простор за млади и повеќе зелени површини, ова го покажа истражувањето и анкетата на Здружението „Медиа плус“. Како најголем проблем ја посочиле изградбата на нови згради, без соодветен простор за паркирање и зеленило, при што често се узурпира јавниот простор.
„Во проценти на онлајн прашалникот, 66,9% рекле дека одлуките за урбанистички промени се носат без вклучување на граѓаните, 41% рекле дека последните години нивниот микро простор претрпел промени, 80% се загрижени за текот на урбанизацијата на градот, додека 83,8% никогаш не биле поканети на јавна расправа или консултација и сметаат дека треба да се направат законски измени за да може да се внесе делот, во кој и тие треба задолжително и суштински да бидат прашани“, изјави Весна Коловска од здружението „Медиа плус“.
Штипјани сакаат и реконструирани училишта, нови паркови, но и да се одржуваат постојните детски игралишта. Во центарот на градот повеќе паркинзи, бидејќи градот покрај Отиња, каде се наоѓаат сите институции се гуши во сообраќај.
„Кај нас приоритет е школството, да имаме добри школи и сали да направат за децата, каде да одат и браната да ни ја направат. Паркинзи треба, обавезно требаат паркинзи. Меѓутоа горе-доле е средена ситуацијата. Треба уште да се работи на тоа, но меѓутоа конфигурацијата на Штип е таква за улиците едносмерни да се направат“, велат штипјани за приоритетите.
Зоран Мијалков од Здружението за лица со посебни потреби „Храбро срце“ вели дека по локалните избори, родителите очекуваат да стартува изградбата на Центарот за рехабилитација за лицата со посебни потреби и конечно во Советот да има едногласност за вакви проекти.
„Се надевам дека градот ќе се направи поинклузивен за лицата со колички, затоа што се многу високи тротоарите, некаде не се баш спуштени и нема баш секаде пристап. Конечно се надевам дека по локалните избори и Центарот за којшто со години се бориме и Старечки дом е потребен, затоа што многу старци има што сами живеат. Така да се надевам дека ќе се направат тие работи“, истакна Зоран Мијалков Здружение „Храбро срце“.
Младите во Штип се организираат во неколку здруженија. Едно од нив се и извидниците кои ги има на сите еколошки акции и работат со 150 млади луѓе. Бараат институциите да имаат повеќе слух за младите, да работат во насока на подобрување на младинскиот стандард, условите, развивање на културата.
„Еве и ние како извидници постојано сме во природа. За жал, нивото на култура и начинот на функционирање на граѓаните мора да одиме на едно повисоко ниво, да се грижиме да ја заштитиме нашата природа, да се грижиме за одлагањето на сметот и ѓубрето“, рече Дарко Тошиќ од извиднички одред „Еквинокс“ од Штип.
Штип нема и Пречистителна станица за отпадни води, градската депонија Трештена скала кога ќе ја запалат собирачите на старо железо е проблем за граѓаните. Според анкетата на „Медиа плус“, 46,3% од граѓаните сакаат веднаш да отпочне селекцијата на отпадот, На овие локални избори штипјани ќе бираат меѓу двајца кандидати за градоначалници и 11 советнички листи.
Викторија Јованова
