Над 20 милиони евра до сега чини струјата која ЕСМ ја набави само за ноември и декември. Иако, уште во јули компанијата обезбеди електрична енергија за овие два месеци во вредност од 15 милиони евра, деновиве преку нов повик повторно за декември беа набавени дополнителни над 50 илјади мегавати за кои треба да се плати над 6 милиони евра, пари кои ќе одат во касата на три компании трговци со струја чии имиња се веќе познати за јавноста.
ЕНЕРЏИ ДЕЛИВЕРИ СОЛУШНС-ЕДС ДООЕЛ
ХСЕ МАК ЕНЕРЏИ ДООЕЛ
ЕТМТ ЕНЕРЏИ ДООЕЛ СКОПЈЕ
Прашавме и во ЕСМ, зошто се прават дополните набавки за декември. Од таму во одговор за Телма тврдат дека станува збор за превентивна мерка за да се обезбеди стабилност за време на грејната сезона.
Примарната причина е продолжувањето на рокот за ремонт на Термоцентралата Битола 3 . Стручните екипи констатираа дека претходните зафати за техничко-технолошко одржување на предметниот термоблок не биле изведени со соодветен квалитет. Покрај ремонтот, клучна улога во одлуката за набавка на енергија, има и неповолната хидрологија во изминатите пет месеци. Продолжената суша доведе до намалување на водните ресурси во нашите акумулации кои се на ниво од околу 30 отсто, се вели во одговор на ЕСМ
Од компанијата се надеваат дека третиот блок ќе биде ставен на мрежа до крајот на декември и дека ќе има стабилни производство од сите три блока во РЕК од јануари до март.
Кога во текот на летото се направи набавката на струја за ноември и декември цената за мегават се движење од 115 до 117 евра. Тогаш од ЕСМ соопштија дека направиле ваков потег за да се обезбеди енергија по поповолни цени од оние кои ќе бидат во тој период, а сумата ќе ја платат кога ќе почнат да ја трошат струјата.
Нова цена за струјата за домаќинствата и малите потрошувачи ќе се донесе до крајот на годинава па, останува да се види дали и колку овие нарачки ќе влијаат.
Лани за набавка на струја ЕСМ потроши околу 100 милиони евра. Минусот на компанијата пак според последните податоци на финансии е 45 милиони евра, долгот близу 60 милиони евра.
Ирена Чачкова
Б.С.
