Македонската кошаркарска репрезентација ги дозна противниците во рамки на првата фаза од претквалификациите за пласман на Европското првенство што ќе се одржи за четири години. Првопласираните селекции од трите групи, како и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во следната фаза од претквалификациите.
Македонија летово играше претквалификации за Светсткото првенство и заврши последна во групата во конкуренција на Унгарија и Романија. Тоа ја турна нашата селекција уште подолу во квалификациите за Евробаскетот.
Сега нашиот тим патот до континенталниот турнир во 2029 година мора да почне од најдолното скалило. Па во првата фаза од претквалификациите во својата група А за ривали ги доби Република Ирска Луксембург и Азербејџан. Мора да бидеме први за да обезбедиме место во втората фаза од претквалификациите, а и таму исто така треба да го освоиме првото место во групата за да стигнеме до главните квалификации. Сепак, ако не ја минеме првата или втората фаза, ќе имаме уште еднаш шанса преку третата претквалификациска фаза.
Натпреварите ги почнуваме на 27.ноември на домашен паркет против Азербејџан, а три дена подоцна гостуваме кај Ирска. Во февруари 2026 година пред нашите навивачи ќе се соочиме со Луксембург, а потоа во март гостуваме кај Азербејџан. Во последните две кола во јули идната година играме со Ирска дома и завршуваме со Луксембург на гостински паркет.
