Денвер оствари победа од 124-122 против Оклахома благодарение на блокадата на Пејтон Вотсон во последната секунда од натпреварот. За Тандер ова беше прв сезонски пораз на осмиот натпревар. Никола Јокиќ запиша нов трипл-дабл со 23 поени, 20 скока и 16 асистенции, а Расел Вестбрук реализираше 29 поени.
Голден Стејт славеше на гостувањето во Бостон со 112-118. Стеф Кари ги предводеше Вориорс со 27 поени, а Бади Хилд имаше 16. Џејсон Тејтум со 32 поени беше најефикасен во редовите на Селтикс, кои трет натпревар по ред играат без ѕвездата Џејлен Браун поради повреда.
Кливленд е единствениот непоразен тим сезонава и до деветиот триумф дојде на госту во Њу Орлеанс со 122-131. Донован Мичел имаше 29 поени за Кавс, за кои ова е најдобар старт во нивната 55-годишна историја во НБА-лигата.
На останатите натпревари, Лос Анџелес Лејкерс го запишаа четвртиот пораз на последните пет натпревари овој пат во Мемфис со 131-114. Феникс продолжи да реди победи и го совлада Мајами со 115-112, Лос Анџелес клиперс беа подобри од Филаделфија со 110-98, а триумфи запишаа и Шарлот, Индијана, Хјустон, Далас и Сакраменто.