Фирмите на ЕСМ за топлинска енергија заглавени во долгови. Трите новоформирани претпријатија повторно на листата на должници на Министерството за финансии и тоа на првата страница.
Заклучно со март ЕСМ Дистрибуција има од долг од 32, 4 милиони евра и со тоа го зазеде третото место на списокот. Снабдување пак наталожи неплатени обврски кон своите доверители од 11, 7 милиони евра, додека на ЕСМ Производство долгот изнесува близу 10 милиони евра.
Сите три фирми во споредба со претходно имаат зголемување на долговите. Но, интересно е што ЕСМ производство првично немаше вакви проблеми, па заклучно со декември лани се најде на списокот со долг од нешто над 200 илјади евра, а сега тој се број во милиони.
Овие три фирми беа формирани за да можат да снабдуваат околу 60 илјади домаќинства со греење. Ова е втора грејна сезона како ЕСМ го менаџира парното.
И додека овие фирми се борат да ги подмират долговите кон своите доверители, се ближи периодот кога треба да се донесе и новата цена на парното. Лани се доцнеше со одлуката поради поставувањето на новиот топловод на мостот Беласица. Но со оглед на тоа што и годинава работата не е завршена се поставува прашањето дали повторно ќе се случи истото. Мостот се уште не е целосно функционален. Град Скопје го чека ЕСМ да ги заврши работите. Од ЕСМ пак трет ден молк за тоа до каде се со поставувањето на новите цевки.
На врвот на листата е веќе познатото претпријатие МЖ Транспорт кое никако да се тргне од првото место. Долгот на железница е над 65 милиони евра. Веднаш потоа е МЖ Инфраструктура.
Од долгиот список на финансии може да се види дека нема кој не должи. На листата се најдоа голем број Општини, факултети, добар дел до јавните претпријатија, клиники, болници, министерства, судови, спортски клубови и многу други.
Ирена Чачкова