Вести Македонија Најважни

Македонија одбележува 20 години од смртта на претседателот Борис Трајковски

Македонија денеска одбележува 20 години од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Како што соопштија од владината прес-служба, на овогодинешното одбележување на Градските гробишта во Бутел, со почеток во 12 часот, на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе неговата сопруга Вилма Трајковска со членови од семејството, претседателот на државата Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од спикерот Јован Митрески, делегација на Владата составена од Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики на добро владеење и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. Цвеќе ќе положат и делегација на Армијата на Република Северна Македонија, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10 часот ќе положат цвеќе претставници од Владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање како и претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.

Во Ротимље ќе присуствуваат и високи претставници од Босна и Херцеговина.

Во Струмица, со почеток во 10 часот на споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе делегацијата од Владата предводена од Јованка Тренчевска, дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, заедно со Кирил Парталов, државен секретар во Министерството за локална самоуправа.

Во авионската несреќа, што се случи на 26 февруари во 2004 година, загинаа претседателот Борис Трајковски и осумчлена делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Узунов: Секој буџет е нереален во декември кога се носи, на средина на годината мораме да имаме ребаланс

Sasko Dimovski

Митевски: Капиталните и сите други расходи кои не се трансфери и плати ќе бидат опфатени со ребалансот на буџетот

Sasko Dimovski

Ѓорѓиоски и Сејдини одобриле и потпишале 728 налози, се сомничат за финансиски криминал во ФФМ од близу три милиони евра – во шемата и раководителката на Одделението за финансии

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе