Вести Македонија Топ вести

Поправал оцени и дал лажен податок за постигнат успех – ДКСК соопшти афера за судија од Основен суд – Тетово

Актуелен судија во Тетово си ги поправал оценките и дал лажен податок за постигнат успех на студии, за да се запише на Академијата за судии и обвинители, соопшти Антикорупциска комисија.

Случајот е откриен откако по барање на ДКСК, Просветниот инспекторат ги проверил сите правни факултети во државата за работа меѓу 2008-ма и 2012-та година.

Судијата од Тетово иако на тетовскиот правен Факултет завршил со просек 7,88, што е под потребниот минимум за запишување на Академијата, се запишал со просек 8,20.

„Пронајдени се недоследности и тоа во матичната книга прешкртани се три оцени, запишани се нови оцени, нема никаква соодветна документација за извршена процедура како на пример барање за поништување, решение за поништување на оцените, барање за повторно полагање, пријави за полагање, записник за полагање, како и ново уверение за завршен прв циклус на студии. Со оглед на тоа што Државниот просветен инспекторат го известил Јавното обвинителство значи тука веќе нашата работа е завршена“ вели Билјана Ивановска, претседател на ДКСК.

Извори за Телма потврдија дека станува збор за судијата Ељведин Ферати од тетовскиот суд, дипломиран во шестата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители. Тој во краток телефонски разговор за Телма, негира дека сам си поправал оценки.

„Најодговорно тврдам дека преполагав три испити. Со тоа, ја стекнав просечната оцена 8,20. Не знам што се случило со документите и зошто го нема тоа во архивата на факултетот“ – Ељведин Ферати, судија.

Според Судскиот портал, Ељведин Ферати во тетовскиот суд работи на вонпарнична област. Дипломирал на Тетовскиот правен факултет 2008-ма, а магистрирал три години подоцна.

Избран е за судија во 2020-тата, а претходно работел како државен службеник во Владиниот Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор.

Државната комисија за спречување на корупцијата откри и други недоследности во правосудството.

Синот на апелациониот судија Енвер Беџети полагал правосуден испит предвреме, брифираат антикорупционерите. Неодамна, Јетмир Беџети е избран за обвинител во Тетово.

„Во седмата генерација имаме кандидат којшто полагал правосуден испит пред да стекне 300 кредити. Ако се сеќавате, кгоа го работевме предметот и кога побараме од Министерството за правда да ни ги достави потребните документи да видиме кој бил тој министер којшто овозможил предвремено полагање на правосудниот испит, од министерството добивме одговор дека согласно нивните подзаконски акти документите се чуваат една година“ – Билјана Ивановска, ДКСК.

Таткото на овој обвинител, апелациониот судија Енвер Беџети беше казнет парично од Судскиот совет, каде му беше отворена постапка откако беше утврдено дека 9 месеци го чувал предметот за масовното прислушување „Таргет Тврдина“ во кој е обвинет Сашо Мијалков и други поранешни вработени во УБК.

Претходно, Државната комисија за спречување на корупцијата побара од Државниот просветен инспекторат да изврши вонреден инспекциски надзор над правните факултети, кој ќе го опфати периодот од 2008 до 2012 година, за да се провери дали на некои од универзитетите се издавале уверенија 7/1 за 180 кредити.

Ова уследи по случајот со Барлет Џафери, син на спикерот Талат Џафери. Тој случај предизвика особен интерес во јавноста, откако Антикорупциска обелодени дека полагал правосуден испит предвреме, односно со несоодветна диплома.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе