Спорт Фудбал

ФФМ: Почна процесот за воведување на ВАР во македонскиот фудбал

Фудбалската федерација на Македонија на денешната седница на Управниот одбор донесе одлука за започнување на процесот за воведување ВАР-технологија во домашното првенство. Засега не е јасно точно кога ќе има видео-технологија во Првата лига, но најреално е да се очекува на стартот на идната сезона 2024/2025.

Куќата на фудбалот пред извесно време најави дека ќе воведе ВАР-технологија во домашното фудбалско првенство, а од денеска и официјално почнува процесот и подготовката за остварување на целта. За целосна имплементација на технологијата потребно е време, бидејќи прво и основно судиите треба да минат низ процес на едукација за користење на ВАР. Тука секако е и набавката на техничката опрема и финансирањето на проектот, а еден од главните проблеми може да биде лошата инфраструктура на македонските стадиони.

Потребна е квалитетна продукција за пренесување на натпреварите во живо, што секако е тесно поврзано и со ВАР-технологијата.

„Објективно, потребно е најмалку шест месеци за системот да се постави и да биде подготвен за употреба, пред се поради неопходната и пропишана обука што мора да ја поминат судиите и операторите, но ќе се обидеме да го скратиме тој период што е можно повеќе“, изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини. 

Оваа сезона речиси сите прволигаши и добар дел од второлигашите имаа сериозни забелешки на судењето. Редовно по секое коло се објавуваа соопштенија и видеа од судиските грешки, нешто што дури и ФФМ јавно го призна. ВАР-технологијата е неопходна за да се задржи регуларноста и интегритетот на фудбалот.

Управниот одбор денеска ја подржа и иницијативата на клубовите да се формира Здружение на прволигаши.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

МЗТ загуби од Спартак: На реваншот во Суботица ќе бара изненадување за место во финалето

Desk

Обрадовиќ потпиша нов договор со Партизан

Desk

Маркез ја освои 93-тата пол-позиција во кариерата, Мартин најбрз на спринтот во Шпанија

Desk

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе