Вести Економија Топ вести

Дали големиот бран на вработувања во ЕСМ е последен?

Во своите подружници, компанијата планира да ангажира над 500 нови работници, но од друга страна, државата поради транзицијата во енергетиката, има план да дели отпремнини и дел од вработените да заминат од таму. Овие вработувања, освен предизборно, се случуваат и во време на енергетската транзиција, кога термоцентралите треба да се трансформираат најдоцна до 2030 година.

„Осломеј“, каде ќе се вработат околу 100 лица, треба да биде фотонапонска централа. Поради тоа, дел од работниците ќе бидат вишок и пред извесно време директно од Белгија, министерот Бектеши рече дека на дел ќе им биде понудено да одат во новата белгиска инвестиција во ТИРЗ Кичево која, според планот, треба да започне со производство на батерии следната година. Пред еден месец, пак, Бектеши објасни дека за да почне ЕСМ поефикасно да работи затоа што има проблеми со ликвидноста, на работниците ќе им се понудат социјални пакети за да заминат.

„Во делот на ЕСМ да стане поефикасна, затоа што има потешкотии со ликвидноста, се предвидуваат социјални пакети. Тоа значи дека ние, како држава, ќе им понудиме пакети на постоечките вработени или да се вработат во приватен сектор со отпремнини или, пак, од делот на годините кои им остануваат до завршување на кариерата да им се даде можност во вид на грантови да можат сами да направат инвестиции во приватен сектор и според пресметките за секој вработен ќе биде одвоено околу 20 до 30 илјади евра, што како  фискални импликации на работењето на ЕСМ се помали од сегашните постоечки расходи во „Осломеј“ каде загубите се до 16 милиони евра годишно. Ако ги скратиме овие загуби до 2030 година и државата ќе добие и ќе имаме помош за тие вработени“, изјави неодамна министерот за економија, Крешник Бектеши.

По ова е нејасно зошто државните електрани имаат потреба од толкава бројка нововработени. Но, од ЕСМ тврдат дека им требаат во производството, затоа што од 2020 година до сега над 1.000 работници си заминале.

Во „Осломеј“ веќе е има изградено една соларна централа од 10 мегавати, а планот е да се гради уште една.

Централата е стара повеќе од 40 години и доста често има потешкотии во работењето. Поради проблеми се случува и да биде исклучена неколку дена и да не произведува струја. Целосна трансформација ќе има и во РЕК Битола, но и за таму се бараат нови луѓе. Ќе се вработува и по министерствата, општините, јавните претпријатија, агенциите. Но, од Владата тврдат дека не се поврзани со  изборите, туку заради пензионирања или заминување на луѓето во приватен сектор.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе