Вести Економија Македонија

Што е деловна тајна според законот за јавни набавки и што не смее да се крие од граѓаните како што се крие договорот со Бехтел и Енка

Во законот за јавни набавки кој е донесен во 2019-та година е регулирана заштита на податоци од понудите или договорите кои ги потпишуваат државните институции. Таму е наведено дека органот кој го распишува тендерот „не смее да открива информации доставени од страна на економскиот оператор кои се означени како деловна тајна или утврдени како класифицирана информација“.

Деловните тајни на кои сега се повикуваат владини претставници за да не го објават Договорот за градење потпишан меѓу ЈП за Државни патишта и конзорциумот Бехтел и Енка се дефинирани во членот 30, став 3 од Закононот за јавни набавки. Деловните тајни се означуваат од страна на економскиот оператор односно изведувачот на набавката и тоа само врз основа на закон, општ правен акт или друг пропис.

Во деловни тајни може да се вклучат технички или трговски тајни. Но главниот услов е да се наведе „правниот основ врз основа на кој истите се означени за тајни или за класифицирани“, стои во законот за јавни набавки.

Законот предвидува и исклучоци што не може да се означи како деловна тајна или класифицирана информација. Деловна тајна не се:

-цената на понудата,

-трошоците на животниот век,

-спецификациите на понудените стоки, услуги или работи,

-количините,

-податоците во врска со критериумите за избор на најповолна понуда,

-јавните исправи, извадоците од јавни регистри и другите податоци

(сите претходно наведени) кои согласно со посебните прописи мора јавно да се објавуваат или не смее да се означат како деловни тајни или како класифицирани информации.

Доколку се применува овој закон, тогаш сите овие податоци од Договорот со Бехтел и Енка не може да се сметаат и законски не се деловна тајна па мора да се објават.

Единствените рестрикции за право од друг закон со законот за јавни набавки се предвидени во тоа што додека трае постапката за избор или за поништување, не се применуваат „прописите кои го уредуваат пристапот до информации од јавен карактер.“

Исто така, како рестрикција, деловните тајни и класифицираните информации остануваат со тој статус и по завршување на постапката за јавна набавка, додека сите останати информации се од јавен карактер и може да се објавуваат.

Премиерот Димитар Ковачевски по потпишувањето на договорот со Бехтел и Енка изјави дека документот има над 400-тини страни, но тогаш никој не спомна ниту кажа јавно дека е доверлив документ.

Од друга страна и законот за безбедност на класифицирани информации пропишува кои информации се доверливи и од кој степен (Државна тајна, Строго доверливо, Доверливо и Интерно). Во законот за класифицирани информации не се споменува „деловна тајна“ како поим.

Во членот 7 од законот за класифицирани информации е наведено што може да биде класифицирано информација односно стои:

-Информациите кои се предмет на класификација се однесуваат особено на: јавната безбедност; одбраната; надворешните работи; безбедносни, разузнавачки и контраразузнавачки активности на државата; системи, уреди, пронајдоци, проекти и планови од важност за јавната безбедност, одбраната, надворешните работи; научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Северна Македонија.

Договорот за изградба на Коридорите 8 и 10Д се однесува на изградба на автопатишта во должина од 108,8 километри.

Доколку се применува законот за класифицирани информации тогаш може да се поврзе само со последната точка „научни истражувања и технолошки, економски и финансиски работи од значење за Република Северна Македонија“ иако изградбата на патишта е технологија смислена уште во античкиот период.

Договорот за градење меѓу ЈП ДП и Бехтел и Енка е регулиран со посебен Закон односно  специјален закон за стратешко пратнерство и во законот не е употребен ниту зборот деловна тајна ниту доверливост ниту објавување.  Со специјалниот закон не е регулирана ниту заштита на податоци како што е во членот 30 од Законот за јавни набавки, кој е во продолжение:

Заштита на податоци

(1) Договорниот орган не смее да открива информации доставени од страна на економскиот оператор кои се означени како деловна тајна или утврдени како класифицирана информација, освен доколку со овој или со друг закон не е поинаку уредено.

(2)   Договорниот орган мора да обезбеди заштита на податоците, кои во согласност со прописите за заштита на личните податоци или заштита на класифицираните информации се сметаат за лични или за класифицирани информации.

(3) Економскиот оператор може, врз основа на закон, друг пропис или општ правен акт да означи одредени податоци за деловна тајна или за класифицирани, вклучувајќи ги техничките или трговските тајни содржани во понудата или пријавата за учество, под услов да го наведе правниот основ врз основа на кој истите се означени за тајни или за класифицирани.

(4) Економскиот оператор не смее да ги означи за деловна тајна или за класифицирана информација: цената на понудата, трошоците на животниот век, спецификациите на понудените стоки, услуги или работи, количините, податоците во врска со критериумите за избор на најповолна понуда, јавните исправи, извадоците од јавни регистри и другите податоци кои согласно со посебните прописи мора јавно да се објавуваат или не смее да се означат како деловни тајни или како класифицирани информации.

(5) По конечноста на одлуката за избор или за поништување на постапката, сите документи од постапката за јавна набавка, освен податоците кои се деловни тајни, класифицирани информации и лични податоци се сметаат за информации од јавен карактер.

(6) Пред конечноста на одлуката за избор или за поништување на постапката не се применуваат прописите кои го уредуваат пристапот до информации од јавен карактер.

Миомир Серафиновиќ

Ако не може цел, да се објават делови од договорот со „Бехтел и Енка“, бараат невладините

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Битиќи, Тренчевска и Костадинов поднесоа оставки по убедливиот изборен пораз на СДСМ

Дејан Дејан

Како СДСМ за првпат станува трета политичка сила во македонскиот парламент, распоред на силите во новиот парламентарен состав

Дејан Дејан

Западните сили ризикуваат глобален судир, никому нема да дозволиме да ни се заканува – Путин на 79-годишнината од победата над фашизмот   

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе