Вести Економија Топ вести

За една година- струјата за фирмите поскапела 5 пати, Стопанската комора бара владата наместо  „глумење“ нормалност да го „разлета“ домашното проиводство за спас на фирмите

Да не се глуми нормалност со сериозната енергетска состојба, туку да има итна и брза реакција, брутално искрено транспарентно информирање и да се обезбеди поефтина електрична енергија за компаниите за да се спаси и економијата и државата.

Бизнис заедницата преку Стопанската комора повторно ја потсети владата за она што било зборувано уште во јули за да се најдат решенија за скапата струја која се користи во бизнисите и негативно влијае врз нивната рентабилност.

Според анализите на бизнис заедницата доколку лани струјата имала околу 3 % удел во трошоците на компаниите кои се снабдуваат на слободниот пазар, сега тој процент е 5-пати поголем и изнесува околу 15 %.

Решението е во носење на итни мерки во која главна е зголемување на домашното производство на струја со што компаниите би можеле да купуваат дел на домашниот пазар по пониски цени, со што би имале поголеми шанси за опстанок претстојната зима. Да се искористат сите можни ресурси, апелира Стопанската комора.

Дел од соопштение на Стопанска Комора:

-Набавката на јаглен и мазут за ТЕЦ Неготино да има апсолутен приоритет веднаш. За да може да се обезбедат нови количини на мазут потребно е да се пушти продажбата на слободен пазар, односно да се тргне од листата на регулирана цена, за да не се случи недостиг на пазарот.

-ТЕ-ТО да биде во функција цела година, бидејќи многу важно е да се има домашно производство не само за да има стабилност туку и доколку се случи затворање на границите и на cross border протокот (преку граничниот проток на електрична енергија). Во спротивно ќе се случат рестрикции што негативно ќе се одрази на континуирано производство на домашната економија.

Комората бара од ЕВН и надлежните најитно што може да ги вклучи во мрежата околу 40 до 45 мегавати од фотоволтаици кои се изградени, но не се приклучени поради најразлични административни процедури.

Бизнисот бара и враќање на кризното правило со кое енергијата од обновливите извори би се трошела само во индустријата со што трошоците би паднале. Стопанската комора бара брзи измени на Законот за градба за да почне изградбата на незагадувачки капацитети планирани со ДУП-ови, но закочени во процедури.

Јасна порака од бизни заедницата и до регулаторната комисија за енергетика, најдете ги фирмите кои незаконски се префрлаат на регулираниот пазар затоа што се во повластена положба, но и го оптоваруваат домашното производство на Електрани.

Дел од соопштението на Стопанска комора:

Тоа е работа на Регулаторна комисија за енергетика, која при вака констатирани злоупотреби треба да му даде налог на ЕВН истите да се прекинат, бидејќи со таквата злоупотреба се прават две штети. Прво се ставаат економските субјекти во нерамноправна положба и второ непотребно се оптоварува ЕСМ.

Од регулаторите се бара и носење на правилник за дистрибутивни мрежи за прифат на струјата од фотоволтаици.

Сето ова и било порачано на владата уште во јули, но досега немало реакција, а надлежните убедуваат дека е нормално иако постои можност за голем струен удар врз преживувањето на многу фирми.

Бизнис заедницата неколкупати бараше средба со владата околу решенија и пакет мерки за енергетската криза и јавно соопштија дека се изненадени бидејќи на владата и се приоритет даночните реформи за кои сметаат дека се во погрешно време во ек на криза и дека единствено добро во момоентот покрај пакетот мерки е ефикасна борба против сивата економија.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пронашле граната од Прва Светска војна и ја однеле во полициска станица

Дејан Дејан

„Пикасо можеби јас“ изложба на македонскиот керамичар Филип Фидановски во Загреб

Дејан Дејан

Посветена работа на заедничкиот регионален пазар согласни шефовите на шесте балкански земји

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе