Женската тениска репрезентација на Македонија од утре ги почнува настапите на Били Џин Кинг купот. Составот предводен од нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорчевска има за цел да ја мине првата фаза од натпреварувањето, а потоа преку разигрувањето и да стигне до промоција во повисок ранг.
“Задоволен сум од жрепката, очекувам дека во последното коло со Јужна Африка ќе го играме клучниот дуел за освојување на првото место во групата. Наша цел е да триумфираме на сите три дуели и потоа да се пласираме во полуфиналето, а потоа и да се обидеме да бидеме во ситуација да се бориме да финале. Со целиот тим заедно сме веќе една недела и во овој период работевме напорно и јас сум задоволен. Лина Ѓорчевска е во добра форма, на последните настапи победуваше и тенисерки кои се меѓу стоте најдобри на светот. Магдалена Стоилковска исто така пред да дојде на подготовките настапи на неколку турнири и постигна забележувачки резултати. Верувам дека и двете ќе ја задржат добрата форма и тоа ќе го потврдат на мечевите во Скопје”, изјави Лабудовиќ.
Скопјани имаат одлична можност во текот на следниве пет дена да гледаат интересни мечеви, а воедно и по подолга пауза на терените да ја бодрат нашата најдобра тенисерка Лина Ѓорчевска, но и да и помогнат на нашата репрезентација во обид да се стигне до првото место.
“Ги повикувам сите љубители на спортот во следниве денови да дојдат на терените на Тенискиот клуб Југ да не поддржат бидејќи навистина ни е потребна помош од трибините. Временските услови можеби и не се баш најповолни, но верувам дека и покрај високите температури сите заинтересирани ќе дојдат да ги следат нашите настапи”, заврши предводникот на националниот тим.
Македонија своите натпревари ги игра на централниот терен и мечевите почнуваат во 10 часот.

