Ракомет Спорт

Лазаров против ПСЖ ќе ја заврши играчката кариера

Најдобриот македонски ракометар Кире Лазаров в сабота ќе го одигра последниот натпревар како активен ракометар, а потоа во целост ќе се посвети на тренерската кариера која веќе ја почна како предводник на македонската репрезентација.

Тој денеска им се обрати на сите љубители на ракометот потврдувајќи дека во саботното финале во Купот на Франција против Пари Сен Жермен ќе го одигра последниот меч во кариерата

“Почитувани

Моето долго и прекрасно патување дојде до самиот крај. Одлуката беше тешка да се донесе, но сепак очекувана. Тешка затоа што го работев тоа што го сакам, од срце, со многу страст и ентузијазам. На моја возраст не е нималку лесно да играш на високо ниво во клуб со големи амбиции и очекувања, и во лига чија национална репрезентација веќе две децении доминира во светот на ракометот.

Не сакав оваа одлука да ја соопштам многу порано, иако знаев дека е крај, дека е последна сезона. Сакав да бидам професионален и мотивиран, каков што бев во текот на целата моја кариера. Кога нешто работиш со голема љубов, можеш да поместиш граници.

Заминувам со гордо крената глава, играјќи за клубови-институции како Загреб, Веспрем, Сиудад Реал, Барселона, Нант. Клубови, градови и земји каде останував минимум пет години, што ја покажува обострано стекнатата доверба со луѓето со кои соработував. Довербата се стекнува со многу труд, посветеност, константност… Тоа посебно ме прави горд што не затворив врата во тие спортски институции. Почнувајќи од мојот матичен клуб, Овче Поле, преку Борец и Пелистер, полека, со правилни одлуки и цврсто на земја, без никакви илузии, зачекорив со Европа.

Многу титули, многу успеси и разочарувања, подеми и падови, победи и порази, ситуации каде некогаш не се гледал излез, но со многу верба, посветеност и чесност успевав да застанам на нозе и да продолжам понатаму.

Посебно ми е драго што, покрај обврските кон овие ракометни институции, наоѓав, време, желба и страст да бидам во служба на нашата национална репрезентација. 25 години и тринаесет големи натпреварувања со една мала земја, секогаш аутсајдер против големите, секогаш со голема верба дека Давид може против Голијат, играјќи дури и во петтата деценија од животот за својата земја, ми дава за право секого да погледнам во очи, дури и некогаш да не сум исполнил нечие очекување.

Јавно се заблагодарувам на моето семејство за поддршката целиот овој период.

Благодарност за моите блиски луѓе, кои не се многубројни, но не се ни малкубројни. Самите ќе се препознаат во овие зборови. Благодарност до сите фанови кои ги имав во голем број во текот на целата моја кариера, кои знаеја да препознаат тешки ситуации и дадат поддршка кога е најпотребно заедно да се радуваме, па дури и во болните порази, од кои заеднички излегувавме посилни.

Завршувањето на играчката кариера е само едно кратко довидување од ракометот. Мојот веќе новозапочнат предизвик е тренерскиот повик и верувам дека и тука заеднички ќе се радуваме, тагуваме и надградуваме, поместувајќи нови граници.

Моето мото кое пак ќе ме води ќе биде – СЕКОГАШ НА ПОБЕДА”, напиша Лазаров.

ФОТО: Игор Паневски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО галерија: Вардар повторно подобар од Алкалоид, остана во трката титулата

Дејан Дејан

Одбојкарите во Струмица ги стартуваа подготовките за Златната лига и евроквалификациите

Desk

Лунин останува во Реал Мадрид до 2028 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе