Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија Благоја Милевски во овој циклус на настапи во Лигата на нации покрај на проверените играчи реши да им даде шанса и на тројца млади фудбалери кои во ова натпреварување ќе имаат можност да ја оправдаат довербата на предводникот на националниот тим.
“Базата на тимот веќе ја имаме со фудбалерите кои ги одиграа натпреварите за пласман на Светското првенство, но нашата цел е тројцата нови фудбалери во составот Димоски, Гроздановски и Фазлагиќ да донесат одредено освежување во репрезентацијата.
Шанса за потврда на својот потенцијал и квалитет ќе добијат сите и низ подготовките и натпреварите, помладите фудбалери треба да покажат дека можат да бидат важен дел од репрезентацијата во нашите натпревари од квалификациите за Европското првенство чија ждрепка е закажана во октомври. Јас се надевам на многу позитивни работи во периодот што ни следува, иако распоредот ни наметнува четири меча, а фудбалерите завршија со клупски активности. Дел од нив како последица од напорната сезона и бројот на одиграни натпревари нема да бидат во комбинација за настап за натпреварите кои ни следуваат, а ќе видиме каква е ситуацијата со дел од играчите кои имаат повреда и дали ќе бидат во можност да настапат”, изјави за веб страницата на Фудбалската федерација на Македонија, селекторот Милевски.
ФОТО: Игор Паневски
