Македонскиот селектор Благоја Милевски очекувано беше презадоволен од конечниот резултат иако првичниот план не бил да се браниме постојано против Италија. Сепак, ривалот не дозволи многу простор за игра.
„Не беше во план да играме на овој начин и да имаме само удари кон противничкиот гол. Но, игравме против европскиот првак и да се победи една ваква селекција не е мала работа. Италија е во моментот најдобра европска селекција. Оваа Македонија не се ориентира само на одбрана, но нашиот ривал играше жестоко. Драго ми е што Трајковски имаше одлична партија на стадионот каде што мина дел од кариерата и ја круниса со гол“, изјави Милевски.
Селекторот сега размислува на Портуталија и финалниот натпревар за пласман во Катар.
„На добар пат сме да потврдиме зошто сме меѓу најдобрите дваесет селекции во Европа. Да се победи еден европски шампион не е мала работа. Но, не застануваме тука. Нe` очекува Португалија кој е последен чекор до пласман на Светско првенство. И веќе нема бегање, од утре сите мисли се насочуваат кон Португалија“, додаде нашиот кормилар.
