По триумфот над Лихтенштајн, македонската фудбалска репрезентација утре на Националната арена Тодор Проески во меч од квалификациите за Светското првенство ја пречекува селекцијата на Германија.
Селекторот Благоја Милевски очекува неговите избраници да продолжат да играат во ист стил како и на претходните мечеви и верува дека фудбалерите максимално ќе ги исполнат сите задачи за да се стигне до поволен резултат.
“Секој натпревар си има своја тежина, секој меч е приказна за себе. Со Лихтенштајн момците влегоа максимално, без потценување и го дадоа максимумот. Нема опуштање, ниту притисок, и мислам дека секој натпревар е важен. Мора да бидеме на врвно ниво, што се однесува до тактичката дисциплина и поединечно и тимски. Го респектираме противникот, одличен тим со врни фудбалери, за многу нешта ќе се прашува и Македонија”, истакна Милевски.

Предводникот на националниот тим е свесен дека оваа Германија е сосема поинаков тим отколку на првиот меч во Дуизбург кога успеавме да забележиме победа.
“Мислам дека сега Германија игра друг фудбал со нов селектор. Играчите се тие, но сосема со различни задолженија. Како ќе одиграат утре, тоа низ анализите тоа можеме да го претпоставиме, но тоа не е гаранција дека така ќе играат и со нас. Секоја репрезентација и од типот на Германија остава некои слаби страни, на нас е да ги воочиме, да пробаме да ги искористиме. Дека имаат – имаат, а на нас е дали ќе ги искористиме”, заврши селекторот на репрезентацијата.
ФОТО: Игор Паневски
