Нема слободни болнички кревети во штипскиот и кочанскиот ковид центар. Модуларната болница е преполна, а до вечер се очекува да се исполни и одделението за физикална медицина. Во овој кочанскиот ковид центар остануваат слободни девет кревети на интензивна нега.
Притисокот од пациенти се гледа и во прегледите во дневната амбуланта, каде што секој ден има и по 200 пациенти. Ангажирани се интернисти, анестезиолози, специјализанти, а третманот на пациентите се прави по телефон со штипските инфектолози.
Во штипскиот ковид центар кој е на четири одделенија веќе неколку дена капацитетот е исполнет до последниот болнички кревет. Загрижува што 80 отсто од пациентите се во тешка здравствена состојба и се на кислородна поддршка.
Деновиве се очекува да се отвори и модуларната болница во Штип. Во изминатите 24 часа во двата ковид центри починаа тројца пациенти. Откако почнаа да се зголемуваат бројките на заразени, во изолација се 1.121 жител од Брегалничкиот регион.
Викторија Јованова