Нова порака од Софија до Скопје преку шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, додека тој го чекал својот лет на софискиот аеродром кон друга европска метропола. Откако пред три недели транзитирајќи преку Софија Османи се сретна со колешката Екатерина Захариева, тој утрово оствари аеродромска средба и со бугарскиот премиер, Бојко Борисов, од која освен специјални поздравите до македонскиот претседател, премиер и пратениците Османи доби и видео снимка со пораката од Борисов.
„Мора да седнеме и да ги решиме сите недоразбирања. Не може патот на Северна Македонија и Албанија кон ЕУ да се одлага. Така што, и вие и ние, треба да се подготвиме преговори на разумот, а не на емоциите, за да можеме, најважнотот за Бугарија – нашите соседи да се во ЕУ. Така што нашата геостратешка цел е таа, прашање е да најдеме политичка волја и вие и ние и да ја завршиме оваа работа“, порача Борисов.
Борисов кој изминативе неколку месеци се воздржуваше од давање изјави поврзани со Македонија и блокадата во ЕУ од Бугарија и ги пушти со сценски настап да се истакнат Захариева и неговиот заменик Красимир Каракачанов, денеска својата неофицијалната средба со Османи освен што ја објави на фејсбук, ја овековечи и со видео порака во кои меѓу другото вели дека работите меѓу двете земји треба да се успегааст бидејќи следните генерации нема да им простат за пропуштената можност, а прати порака и за историјата.
„Сметам дека хероите кои си го дале животот за слободата не можат да се темата која ќе не раздели. Зошто нивната мечта била да бидеме заедно и си го дале животот за тоа. Така што тие треба да се мост на пријателство, а не на поделба“, рече Борисов.
Османи седнат под европското знаме на софискиот аеродром пак со повоздржана изјава, фокусирана на техничкиот аспект од разговорит, поточно одржување на меѓувладината комисија.
„Би било добро што порао таа комисија да се одржи. Го договоривме акцискиот план, треба само извештај од Комисијата за историски прашања, кој што го подготвуваат во моментот, имаат некои технички разлики кои треба да ги усогласат. Наш интерес е што побрзо да се сретне комисијата, да кажеме толку направивме минатат година, толку ќе направиме следната година. Меѓутоа, еве, очекуваме и од ваша страна и од нашата Комисија да можеме што побрзо да се усогласи и термин и содржина на таа комисија“, изјави Османи.
Откако Борисов го објави видеото од средбата на својот фејсбук профил, стигна и кратко соопштение за истата од македонското МНР во кое се наведува дека разговарале за билатералните односи, внатрешно-политичките случувања во двете земји, како и европските перспективи на Македонија, но во кое нема објаснување зошто Османи со Борисов се сретна и испратија видео пораки во ек на предизборна кампања за парламентарните избори во Бугарија, особено што премиерот Зоран Заев уште пред два месеци најави дека политичките разговори со Бугарија се завршени до завршување на нивните избори.
Тамара Грнчароска
