Од Град Скопје вчера ја објавија листата од 571 име според која во иднина би се именувале улици, плоштади, паркови и мостови.
Покрај новите имиња се предвидува да се вратат и старите имиња на улиците и тоа Аминта Трети пак да биде Ленинова, Јордан Мијалков во Железничка, Филип Втори во Стив Наумов. Тафталиџе повторно ќе ја има улицата Мексичка наместо Петре Пирузе, а Борис Сарафов пак ќе стане 4 Јули.
Во листата е и новинарот Никола Младенов, пејачката Вања Лазарева, архитектот Живко Поповски, спортистите Благоја Георгиевски – Буштур, Атина Бојаџи, како и заменик-градоначалникот на Скопје Енвер Малиќи. Во листата се и писателите Петре М. Андреевски, Блаже Конески, Владо Малески.
Се предлага еден плоштад да се вика „Вера, надеж и љубов“, а Градскиот парк би се викал „Безвременски“.
