Македонија

Се бара политичка одговорност и мораториум за охридскиот регион по критиките на УНЕСКО

Извештајот на УНЕСКО е голем срам за државата и некој конечно мора да сноси одговорност зошто ништо не е преземено од 2017 година па наваму, вели претседателката на Центарот за културно наследство, Донка Барџиева – Трајковска.

Новите забелешки се напишани на повеќе од 200 страници и утре ќе бидат испорачани на општина Охрид.

УНЕСКО укажува на недоволната заштита на старата градска архитектура, несоодветната конзервација и реставрација на заштитените подрачја и објекти, дивоградбите долж крајбрежјето, поставувањето урбана опрема околу најзначајните знаменитости во градот.

Автентичните детали се заменети со модерни сончеви колектори, нарушени се визурите на старите објекти, поставени се тенди на летните тераси околу црквата Света Софија.

Острите препораки на УНЕСКО се само доказ за децениското постапување на институциите спротивно на меѓународните принципи. Сѐ поизвесно е дека на следната сесија, Охрид ќе заврши на листата на загрозено подрачје во опасност.

Во извештајот има препораки за целосна забрана за градба, уривање на дивоградбите, отстранување на објектите кои функционираат како плажи.

Се бара и реконструкција на пешачката патека која го поврзува каналот Студенчишта со Горица 1 затоа што е прекината природната врска меѓу езерото и блатото.

По добивањето на забелешките институциите ќе треба во одреден рок да подготват одговор.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиевски денеска остана недостапен за каков било коментар.

Јулијана Пешевска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Починаа седум лица со попреченост поради скратените часови за лична асистенција, велат од Коалицијата „Менуваме“

Sasko Dimovski

Уапсен Бедри Бериша – треба да издржува затворска казна, иако се најде на список за помилување на екс претседателот Пендаровски

Sasko Dimovski

Сè уште немаме добиено пари од државата за здравствена заштита на животните, реагираат ветеринарните друштва – АХВ во финансиски проблеми

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе