Македонија Најважни

На Захариева и пречи Тито и најави вето в вторник

За два дена Бугарија ќе и го испорача своето вето за Македонија за старт на преговори со Европската унија. Премиерот Зоран Заев денеска го потврди она што само неколку часа претходно го најави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева  дека на 17 ноември Бугарија нема да каже „да“ за земјава.

„Јас сум подготвен и го подготвив македонскиот народ за евентуална блокада и за евентуално вето. И тоа е поприлично извесно. Ако кажете во проценти колку, повеќе во проценти е извесно отколку да добиеме позитивно“, изјави Заев.

Сепак решение, најави Заев, ќе се бара до самитот на ЕУ во декември кој треба да ја донесе конечната одлука за старт на преговорите.

Премиерот кој во денешната изјава можеби за првпат не кажа дека е оптимист дека решение ќе се постигне, туку изрази надеж за тоа, ги повика политичарите на одговорноста со аргумент дека ветото за Македонија може да предвика развој на непосакувани настани и во двете земји.

Дека ветото од Бугарија е завршена работа како изјава претходно стигна и од Захариева, спакувано во нова провокација кон земјава.

„Не ги гледаме она за што сме загрижени во преговарачката рамка, така што нема како да кажеме да.  Не можеш да бараш да си дел од ЕУ, да бараш да ги демократизираш општеството, институциите и државата и истовремено да го  чествуваш еден од најмрачните диктатори – Тито. Разбирате. Двете работи си противречат. Ние ќе продолжиме да ги помагаме, ќе продолжиме да им подаваме рака, но нашата поддршка за членство никогаш не била безусловна. И тоа не е нешто ново. Јас сум изненадена што не сакаа да го разберат тоа што им го зборувавме толку години, дури и не сум убедена и дека разбираат“, изјави Захариева.

Таа притоа го повтори ставот на Бугарија дека Скопје не го спроведува целосно Договорот за дососедство и оти целата државна политика во земјава се заснова на омраза кон Бугарија, а активноста на Комисијата за историја била прекината еднострано од македонска страна.

Одговорот на ова стигна од Заев.

„Зошто не е доволно заедничкото. Како тоа да биде заедничко, а да биде бугарско или заедничко, а да биде македонско. Заедничко е заедничко… Политичарите се тие кои ги носат одлуките. Разбирам не е лесно и во Бугарија има критички осврт, должност наша како политичари е да објасниме, затоа што признаваме дека уште повеќе да работиме. За 20 месеци одржавме 10 седници. Германија – Полска, Германија – Франција, Германија – Чешка, исти вакви комисии првите резултати ги имале на десет години од составувањето на комисијата“, рече Заев.

Заев денеска ги повика бугарските политичари на храброст во носење одлуки за градење на пријателство во контекст  да не го блокираат стартот на преговорите на земјава со Унијата, а доколку ако не е од нешто задоволни од исполнувањето на Договорот има можност 130 пати низ 34 поглавја да стават вето или блокада за Македонија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поплавени простории на третиот кат, вода се слеала до подрумот – пукнала цевка од парното на Токсикологија

Дејан Дејан

Основците и средношколците од понеделник на еднонеделен пролетен распуст

Дејан Дејан

Влегол со автомат во казино во Лешок, го репетирал и одзел над 5.000 евра – притвор за 28-годишен жител на Непроштено

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе