Ќе ги интензивираме раговорите со Бугарија во наредните денови за да постигнеме решение до 17 ноември, но нема да правиме шоу од тоа, порача премиерот Зоран Заев, откако утрово бугарскиот вицепремиер Красимир Каракачанов изјави дека вчера од Македонија било побарано да потпише нов документ со кој таа ќе се обврзе на решавање на прашањето на јазикот, идентитетот, историјата, за Бугарија да и дозволи влез во Унијата.
„Вистинско решение мора да постои само ако двете страни излезат како победници, односно едната да внимава на другата страна и обратно. Во овој момент се уште не сме стигнале дотаму во разговорите со Бугарија, но пред нас постојат услови за тоа. Тоа значи дека ќе продолжиме да разговараме, но не мислам дека тој процес треба да се случува преку јавни препукувања. Се разбира, ние ќе информираме суштински и на време за овие важни прашања, но нема да правиме шоу од овој сериозен момент за нашата европска иднина“, изјави премиерот Заев.
Според него удирањето во гради е атрактивно и во двете земји, но не ја зголемува шансата за решение и Македонија нема да го прави тоа. Земјава, рече, има јасни и прецизни позиции во разговорите со Бугарија.
„Македонскиот идентитет е гордост и ќе остане како наша гордост како планина и без да мораме да правиме националистички спектакл за ова прашање“, рече Заев.
Според него решенијата можат да се постигнат преку работата на двете комисии – историската и меѓувладината – за посериозно имплементирање на Договорот за добрососедство.
Каракачанов пак денеска изјави дека вчера од македонската страна биле побарани многу јасни гаранции дека потпишаниот Договор ќе се исполнува и дека Македонија нема да го заобиколува како што го правела тоа во изминатите три години. Гаранцијата треба да биде потпишан документ, во би имало и дополнителни обврски за земјава.
„Дали ќе има нов договор, како што велите вие, е една варијанта, решение, дали ќе биде анекс на постојниот Договор, дали ќе биде протокол, тоа треба да се потпише. Таму треба да ги има проблемите како што се јазикот, како што се идентитетот и историјата, како што е рехабилитација на луѓето кои се репресирани. Ако го прифатата ова ние ќе продолжиме да ги помагаме“, изјави бугарскиот вицепремиер Каракачанов.
Тој денеска повтори дека на земјава и остануваат само уште неколку дена за да го направи тоа, а не да се надева дека некој ќе ја притисне Бугарија и ќе и каже дека Македонија е центар на веселената и колку е важно таа да влее во ЕУ. Каракачанов притоа тврди дека Бугарија не трпи притисок од другите земји по ова прашање, иако вчера германската канцеларка Ангела Меркел јасно им порача и на Заев, но и на бугарскиот премиер, бојко борисов, дека мора да се согласувааат и да не го забовата тоа.
Тамара Грнчароска
