Вести Економија

Се огласи стечајниот управник на Еуростандард- депозитите не се пријавуваат, а долговите на банката мора писмено да се пријават во стечајната постапка

Десет дена по назначувањето, се огласи Душко Тодевски, стечајниот управник на Еуростандард банка. Тој ги известува доверителите дека писмено треба да му ги пријават долговите кои згаснатата банка ги има кон нив (тука станува збор за фирми со сметки во банката, но и други доверители кои вршеле услуги или продавале стока на банката). Рокот за пријавување е до 7-ми септември.

Депозитите се заштитени и сите штедачи не треба да ги пријавуваат своите влогови во банката. Ова се однесува на приватните лица, а сите пари од правните лица остануваат во стечајната маса. Должниците кои должат на банката ќе бидат контактирани од службите на банката, а исто така ќе бидат повикани и сопствениците на сефовите во банката. Ќе се отвораат во нивно присуство.

Еве го соопштението на стечајниот управник во целост:

-Се известуваат сите физички и правни лица дека согласно Законот за банките, побарувањата по основ на депозит кои ги имаат од „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај, без оглед на износот, се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка во Банката и тие немаат обврска за нивно пријавување до стечајниот управник, согласно член 162  од Законот за банките.

Под побарување по основ на депозит се подразбираат: денарските и девизните депозити, сертификатите за депозит, парични средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизни приливи на физичките лица, како и паричните средства на жиро-сметка за правни лица.

При обесштетување на депозитите на физичките лица, поединечните депозити на едно лице се сметаат за единствен депозит. Согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити, во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот кои што се предмет на обесштетување како единствен депозит се намалува за износот на неговите обврски кон банката (пр. кредити, искористен лимит од картичка, даден залог на депозит, провизии, и сл.).

Истовремено, се известуваат сите физички и правни лица кои имаат побарувања од Банката, кои што не се по основ на депозит, дека истите треба да ги пријават како побарувања од стечајната маса, по писмен пат до стечајниот управник, согласно објавата во Службен весник бр. 203/2020, односно до 7-ми септември.

Вакви побарувања се: побарувања по основ на извршени усуги или доставени производи до банката, платени аванси по различни основи, фактури, повеќе платени надоместоци за услуги кои не се искористени или се користени помал период од оној наведен во договорот (пр. платен надоместок за користење сеф во текот на една година, а сефот се користел пократок период и други побарувања кои произлегуваат од облигационо правен однос со Банката ).

За да ги пријават побарувањата, потребно е најдоцна до датумот определен во објавата, да се достави писмена пријава по пошта до стечајниот управник на следната адреса : ул. Владимир Комаров бр. 40/8, Скопје , објавена во огласот. Кон пријавата потребно е да се достават писмени докази за побарувањето.

Во пријавата, доверителите се должни да наведат:

1) назив, седиште, единствен матичен број и единствен даночен број на правните лица, име и презиме, адреса и единствен матичен број за физичките лица;

2) назив на носителот на платен промет кај кој доверителот има сметка и број на сметката;

3) правниот основ на побарувањето;

4) износ на побарувањето и тоа посебно износ на главното побарување со пресметана камата до денот на отворање на стечајната постапка и

5) одредено барање на доверителот согласно со одредбите од Законот за парнична постапка за содржина на тужба.

Во однос на начинот на измирување на обврските  кои физичките и правните лица  ги имааат спрема Банката по било кој основ, клиентите во наредниот период ќе бидат контактирани од овластено лице од Банката.

Во врска со примопредавањето на предметите / стварите коишто се во граѓанските сефови на „Еуростандард банка“ АД Скопје во стечај, клиентите ќе бидат контактирани во текот на следните дваесет дена од овластено лице од Банката, за терминот кога имателот на сеф ќе биде потребно да дојде во просториите на Банката за отворање на сефот и подигнување на предметите. Притоа, имателот на сеф ќе биде потребно да дојде лично, да се идендификува со важечки документ за лична идентификација и клуч од сефот. Сефот не може да се отвори без присуство на клиентот кој го користел.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сторителите на семејно насилство да се гонат по службена должност, бараат од граѓанскиот сектор

Дејан Дејан

Бојкотот во ОУ „Лазо Ангеловски“ продолжува – министерката бара неколку дена за решение

Дејан Дејан

Обвинение за три лица за палење на македонското знаме на денот на албанското

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе