Вести Економија Свет Топ вести

Норвешка и Данска ќе го засилат обезбедувањето на својата инфраструктура по саботажата на гасодоводот Северен поток 

Норвешка и Данска ќе го зголемат обезбедувањето околу својата енергетска инфраструктура по информациите за саботажа на руските гасоводи Северен поток 1 и 2 во Балтичкото море.

На три локации на двата подводни гасоводи со кои рускиот природен гас може да се пренесува до Германија,  дошло до истекување на гасот а експертите соопштија дека на тоа му претходеле силни експлозии на морското дно во Балтикот.

Владата во Осло им нареди на полицијата и војската да ги координираат активностите за засилување на безбедноста на инфраструктурата, постројките и инсталациите во морето и на копното, откако биле регистрирани зголемен број летови на дронови во последните недели.

Норвешка не е членка на ЕУ, но е голем производител на нафта и гас од своите инсталации во водите на Балтичкото море.

Улогата на оваа држава ќе биде исклучително значајна за европската енергетска стабилност престојната зима, особено по санкциите против рускиот гас заради инвазијата на Украина.

„Европа може да го замени исчезнувањето на Рускиот гас, но доколку исто така се случи и пад во снабдувањето со Норвешкиот гас, тогаш Европската економија ќе колабира. Ќе не очекува темна и студена зима. Верувам дека е многу веројатно во наредните 6 месеци да се соочиме со напади на Норвешкиот енергетски извоз, особено во зимата, кога Европските резерви на гас ќе се намалат и енергетската ситуација ќе биде уште покритична од што е сега, за да се изврши апсолутен притисок врз Западот да ја присили Украина на мировен договор под услови кои Русија ќе може да ги прифати“ – оцени офицерот во Норвешката кралска морнарица, Тор Ивар Стромен.

Европската Унија потврди дека истекувањата на гасот се резултат на саботажа, но засега се воздржи да ја обвини Русија дека е одговорна за нив. Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен порача дека секое намерно предизвикано нарушување во снабдувањето со гас ќе предизвика „најсилна можна реакција“. ЕУ во минатото ја обвинуваше Русија дека го користи снабдувањето со гас и гасоводот Северен поток како оружје против Западот.

Портпаролт на Кремљ, Дмитри Песков ги отфрли обвинувањата за саботажа како „предвидливи, глупави и апсурдни“.

„Добро, знаете, сето ова е лесно предвидливо но исто така и предвидливо глупаво е да се кажуваат вакви обвинувања. Повторувам, предвидливо, глупаво и апсурдно. Сакам да апелирам до сите, дека прво, пред да кажат какви било изјави, треба да почекаат некој миг за да ги истражат овие тврдења. Да дефинираат дали тоа било резултат на експлозија или пак не било експлозија“ – изјави Песков.

Данскиот министер за енергија, изјави дека истекувањата на гасот најверојатно ќе траат една недела, пред да се испразни гасоводот а потоа ќе почне истрагата за причината која довела до истекувањата. Во моментов, низ гасоводот Северен поток 1, воопшто не тече гас, откако Русија ги затвори вентилите, додека гасоводот Северен поток 2 никогаш не ни доби дозвола за работа од Германските власти.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Има функционери на кои фотелјата им стана поблиска од народот – рече Мицкоски на партискиот роденден и најави смени на министри и директори

Дејан Дејан

Савески: Јавната обвинителка во предметот за мазутот сметала дека единствен резултат од прибраните докази е Наредба за запирање на постапката

Sasko Dimovski

Не смееме да оставиме впечаток за конфликт меѓу обвинителството и МВР, рече Савески во врска со наводната шпионска афера во претседателскиот Кабинет

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе