Македонската фудбалска репрезентација од денеска ги почнува подготовките за првите четири натпревари од новото издание на Лигата на нации на УЕФА.
Во следниов период не очекуваат четири средби од кои првата е со Бугарија, две соочувања со Гибралтар и едно против Грузија.
“Ние сме во група со квалитетни противници. Квалитетот е израмнет, а јас не го потценувам ниту Гибралтар, иако многумина го сметаат за аутсајдер. Нашата цел е освојување на првото место во септември кога завршува циклусот. Не чекаат шест тешки натпревари, а не само еден или четири. Императив во оваа селекција е секој да го даде најдоброто од себе. Фудбалерите да покажат дека имаат потенцијал, да го дадеме максимумот и на крајот да видиме што ќе ни донесе тоа. Ниту јас, ниту стручниот штаб не живее во минатото. Зад нас ги оставаме Италија и Португалија и ќе се обидеме најдобро што можеме да се носиме со новите предизвици.
Милевски на овој дуел нема да може да смета на повредните Тихомир Костадинов и Стефан Ристовски, Ердал Ракип го откажа настапот од приватни причини, а одмор по напорната сезона добија Аријан Адеми и Адис Јаховиќ.
“Шанса за настап и за потврда на својот потенцијал ќе добијат сите, ќе правиме ротации, а ќе бидеме задоволни ако го видиме квалитетот и потенцијалот на фудбалерите покажувајќи ни дека можеме да сметаме на нив во иднина, затоа што за нас целта останува ЕП 2024. Базата ја имаме, ја направивме во 2015/16, сега го освежуваме тимот со млади фудбалери од репрезентацијата до 21 година. Покажавме дека можеме да бидеме конкурентни во Европа, но треба да продолжиме во таа насока”, заврши предводникот на националниот тим.
ФОТО: Игор Паневски
