Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски утре на дуелот против Германија ќе го одигра 73-от натпревар во националниот тим и ќе се израмни по бројот на мечеви во дресот со националниот грб со Артим Шаќири и ќе се најде меѓу четирите играчи со најголем број на настапи.
И тој како селекторот Благоја Милевски смета дека со максимална дисциплина на теренот може да се стигне до посакуваниот нов успех против една од најквалитетните репрезентации на светот.
“Денеска сите сакаат да играат фудбал, без разлика на големината на противникот. Драго ми е што победивме, убаво е кога ќе победиш и кога ќе донесеш три бода. Нормално секој селектор си има свои идеи, свои новости, и сегашниот селектор со новите идеи дојде до ново освежување. Ние сме професионалци, тука сме да излеземе, да тренираме, да анализираме, да изгледа на подобар начин. Има натпревари во кои играте со добри и послаби противници. Идеите се тие, без разлика на противникот, теренот е најдобар показател и наше е да одговориме. Со Германија треба да се одговори со максимална тактичка дисциплина”, истакна Ристовски.

Капитенот потенцира дека настапот на последниот континентален шампионат е дополнително искуство за овој состав кој според квалитетот може рамноправно да се носи со најдобрите селекции.
“За мене секој натпревар е искуство. Фудбалот е затоа интересен носи големи изненадувања. Такво искуство како ЕП ќе го паметиме и ќе ни носи голем мотив. Гиганти како вакви репрезентации не ти даваат многу простор за грешки. Мораме да бидеме фокусирани максимално цел меч. Мора да бидеме максимално концентрирани, и тоа не чека со Германија утре. Вакви репрезентации секогаш одат на победа. Нема разлика, нивната цел е секогаш голема”, заврши капитенот на Македонија.
ФОТО: Игор Паневски
