МЗТ Скопје ја оствари првата сезонска победа откако вечерва лесно и убедливо го совлада Кожув во премиерниот натпревар од 2.коло во Првата кошаркарска лига на Македонија.
По една интересна и доста изедначена прва четвртина, актуелниот шампион се разигра во вториот период кога брзо направи двоцифрена предност. На полувремето водеше со 49-32 и веќе беше јасно кој ќе победи на натпреварот. „Металците“ го имаа највисокото водство од +22 поени на стартот на четвртиот период по една серија од 9-0. Гевгеличани до крајот само за малку ја намалија негативата за конечни 89-71.
Хуан Дејвис беше најефикасен во таборот на МЗТ Скопје со 14 поени, а по 12 реализираа Дастин Вер и Дамјан Стојановски. Кирил Николовски одигра феноменално за гостите и постигна 29 поени.
Второто коло продолжува во сабота и недела, а играат:
ТФТ – Еуро Никел
Гостивар – Куманово
ФМЛ Академија – Пелистер
Работнички – Феникс
Ангели – МЗТ Скопје 2
