Бројката од двајца притворени и вкупно 6-мина осомничени за транспортот на 5 тони марихуана од Македонија во Србија засега останува, а министерот Тошковски вели дека истрагата продолжува со активности покрај на полицијата, и со активности во царината, финансиската полиција и финансиско разузнавање. Обвинителствата и истражителските тимови во двете држави соработуваат, но Тошковски објаснува и дека за вакви големи истраги е потребно време.
- Работата во изминатиот период на овој предмет, чисто компаративно, на сличен предмет во една земја членка на ЕУ го има работено околу 2,5 години. Барем ова беа зборовите на дел од истражителите кои што при поставување на истото прашање кое вие мене ми го поставувате, ми кажаа, министер ова е предмет кој што нужно изискува многу поголема посветеност и потребен е поголем временски период – Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Марихуаната беше откриена на крајот на јануари во склад на политичар од Крушевац, а според првичните информации била изнесена од Македонија со камиони и со царинска декларација дека станува збор за перници кои кај Свети Николе биле заменети со кутиите полни со марихуана. Скопската фирма Алфафарм поврзана со осомничените и со дрогата е затворена.
Случајот е оттогаш во истрага, но бидејќи нема разрешница- го немаше ниту во двегодишниот отчет кој министерот Тошковски го одржа пред својот кабинет и врвот на полициските служби, во Центарот за обука во Идризово.
Во отчетот беше навдено дека во две години биле сузбиени 30 организирани криминални групи, а при таа акции беа расветлени и 10 убиства меѓу припадниците на скопските насилни нарко кланови.
Како резултат беше посочено и решавањето на пасошката криза, како и стартот на Безбеден град кој за помалку од 5 месеци пишал над 120 илјади казни, најмногу за пречекорување на брзината. Во периодот на функционирање на Сејф сити има 34 жртви во сообраќајот што е за околу 40% помалку од 55-те загинати во истиот период лани, наведе Тошковски.
Зголемена е и заплената на дрога, при што имало трипати поголема количина во заплени на кокаин.
Двегодишнината од мандатот му ја честита и опозиционата СДСМ која пак смета дека Тошковски донесол распад на безбедносниот систем, партизација во ресорот и заштита на криминалците блиски до власта.
- СДСМ: Наместо професионален систем, Тошковски создаде партиска полиција во која искусни професионалци се деградираат, а подобни кадри се наградуваат. 2 години МВР на Тошковски не гони криминал туку го штити криминалот на Власта. Но, Тошковски останува на функцијата затоа што зад него стои Христијан Мицкоски и се штитат меѓу себе.
Тошковски за две години редовен мандат, преживеа и три опозициски интерпелации во Собранието каде имаше сериозни обвинувања за неуспеси во неговото раководење со МВР.
Миомир Серафиновиќ
