Платите во Министерството за одбрана и во Армијата две години не се зголемени, а буџетите на Министерството со ребалансите во изминатите две години се намалени за 20 милиони евра, обвини пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска на денешната седница за пратенички прашања. Министерот Владо Мисајловски одговори дека таа потпишала Колективен договор на денот на распишување на изборите без да обезбеди пари за зголемувањата. Најави дека во наредниот период платите ќе растат.
„Зошто две години во Министерството за одбрана платите не се поместени? – Зборувам за основната плата. Не само што не се поместени, туку оваа година во ребалансот, барем тој што го добивме ние, не знам дали сте консултиран во делот на Министерството за одбрана, ставката за плати и надоместоци се намалува за повеќе од 10 милиони денари. На сметка на тоа, ставката за договорни услуги се зголемува за повеќе од 40 милиони денари. Сега што ви е приоритет, договорните услуги или стандардот на вработените во Министерството за одбрана и Армијата“, праша Славјанка Петровска, пратеничка и поранешна министерка за одбрана.
„Од понеделник ќе започнеме со нов колективен договор. Сакам и лично да им се заблагодарам и на премиерот и на министерката, од следната година ќе се зголемат платите во армијата, ќе се зголеми бодот и во наредните години, како се зголемува буџетот, така ќе има и процентуално зголемување во армијата. Од понеделник ќе седнеме заедно со сите синдикати, ќе разговараме за колективниот договор и тоа ќе го водиме заедно со Министерството за финансии. Сè она што е добро нормално дека ќе задржиме, ако нешто може да подобриме, ќе подобриме, но ако нешто не чини ќе го тргнеме, но никој нема ништо да скрати“, одговори Мисајловски, министер за одбрана.
